„Даница Ивановска Лепојевиќ го прави пишувањето толку природно и стихијно, та сега емоциите се прелеваат и излеваат неконтролирано без оглед дали ќе има жртви. Нејзиниот емотивен потенцијал и искуство, можеби се застрашувачки, но во исто време се и толку благородни, оти се длабоко човечки и исконски, доживеани и преживеани ко ураган“.
Ова меѓу другото, ќе го напише Искра Донева во својата рецензија за „Сјај и страв и песни“, деби објавата на Даница Ивановска Лепојевиќ.
Во предвечерието на промоцијата во МКЦ, поетесата вели дека сè уште се изненадува кога ќе види осврт на песните во збирката, бидејќи ова ѝ е прво издание и никогаш претходно не размислувала за себе како за автор кој може да објавува. Таа сè уште смета дека кога говорат за песните како да говорат за некој друг автор. Од друга страна, како што вели, изненадена е и од тоа колку она што го носела во себе и потекло низ неа во тие песни, на некој начин, било јасно пренесено и има соодветен одраз кај оној кој што го чита.
„Сум се прашувала дали сите оние емоции, слики и доживувања што ги носам во себе ќе бидат и на кој начин ќе бидат достапни за читателот. Ова е потврда на тоа дека не сум згрешила многу“, вели таа.
Даница Ивановска Лепојевиќ истакнува дека пишува поодамна, но дека буквално малкумина знаеле за тоа бидејќи мислела дека „тоа е некаков однос со нејзиниот интимен свет“. Дополнува дека најголемиот дел од песните во збирката се од последниве безмалку две години.
„Во тоа што со години чекав воопшто и да споменам дека творам, така и години требаше за да се решам за објавување, па кога дојде конкурсот за Рацинови средби беше како добредојден. Од таму беше поттикот да направам избор којшто е поврзан со емоциите, со љубовта во различни облици и да ги ставам во една збирка од 39 парчиња“, вели таа.
„Сјај и страв и песни“ на Ивановска Лепојевиќ, пред нецел месец, ја доби наградата „Антологија на болката“ за најдобра збирка поезија на годинашните Рацинови средби. Таа знае да каже дека „тоа како информација сè уште не е целосно примено од нејзината свест“. Истакнува дека „Антологија на болката“ како дело и како водилка во македонското творештво е многу значајно и од аспект на љубовна и од аспект на модерна поезија. Дека Кочо Рацин за неа е еден од најголемите творци кои ги изнедриле овие простори. Вели дека неговите стихови секогаш ја воделе, ја инспирирале во животот и дека за неа ваквото признание е исклучителна чест.
„Со оглед на тоа колку го чував ова во себе и за себе, кога ќе се наиде на една олку силна реакција, прво самата награда е големо признание, а второ реакцијата на оние коишто дојдоа во контакт со збирката и песните нејзини се исто така многу добар репер за тоа дека вреди и дека можеби вредело и порано да се отворам. Нешто што сигурно би ме натерало да објавувам повторно“, вели таа.
Моментите на обелоденувањето на стихозбирката и конкурсот поетесата ги доживеала како затворање на еден круг. Во тој период, како што вели, започнала да создава нови песни во сосема поинаков дискурс, во сосема поинаква насока, песни кои раскажуваат друга приказна од друг аспект од нејзиниот живот. За неа е тоа е убав показател дека треба да се продолжи во тој правец. Да не се застане на патот.
Токму и затоа најавува скоро нивно публикување како и навраќање на миговите од нејзиното прво појавување во јавноста од пред неколку години кога на конкурсот на „Окно“ испратила неколку раскази, кои тогаш биле наградени и потем два од нив објавени во електронска форма.
Конечно, родена 1980 година, Даница Ивановска Лепојевиќ е дипломиран психолог. Таа во моментов ја подготвува магистерската работа на тема: „Психологија на личноста“, предава јога за жени и е консултант за доење и се бави со поддршка на жените во текот на породувањето.