тудентскиот пленум повика на бојкот на утрешните избори за претседател на Студентскиот парламент. Велат дека бојкотот е една од алатките која ќе го стави интересот на студентите на прво место. Од таму ги повикаа студентите да не се плашат да дојдат пред платото на УКИМ за да го спречат одржувањето на, според нив, нелегитимните и нелегални избори.
„Потсетуваме дека тоа не е кривично дело, бидејќи ние сите сме членови на Студентскиот парламент и како такви ние сме обесправени да кандидираме кандидат, да имаме пристап до правните акти коишто ги регулираат изборите, да имаме пристап до собранието и до состаноците коишто се одвиваат во Студентскиот парламент и затоа студентите имаат апсолутно право да спречат одвивање на избори коишто се крајно нелегални, нелегитимни“, изјави Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум.
Од пленумот се надеваат дека избори нема да има, особено по формирањето на Комисија за промена на статутот на УКИМ во делот на студентското организирање. Комисијата, која се формираше по изборот на нов Ректор, брои 11 члена, седум професори и по двајца претставници од Студентскиот пленум и СПУКИМ. Комисијата е уште еден доказ дека изборите утре не смеат да се случат, бидејќи студентите ќе имаат шанса да го изменат статутот и да го демократизираат студентското организирање, велат од Пленумот.
„Ние не сакаме да дојдеме до ситуација во којашто Студентскиот парламент ќе биде целосно ставен под ингеренција на Универзитетот и нема да ужива никаква автономија. Нашата цел не е ние по секоја цена да ги регулираме студентските парламенти во насока на тоа да подлежат на контрола од страна на Универзитетот. Затоа ние во оваа комисија планираме детално да разработиме предлози преку кои овие тела ќе се демократизираат, но повторно ќе уживаат некаква автономија во својата работа“, изјави Александра Живковиќ од Студентски пленум
Комисијата треба да почне со работа во краток временски период до 15 септември и да понуди предлог текст до Сенатот за измена на статутот на УКИМ во делот на студентското организирање.
„Ако останал тронка разум во Студентскиот парламент при УКИМ апелирам да ги поништат изборите, пред да се случат какви било сценарија, студентите да се противат на сето тоа. Ова сето може да се реши во институцијата. Токму затоа е формирана оваа комисија за овој проблем, којшто тлее многу години, да го решиме институционално со највисокиот акт на Универзитетот“, изјави Туфегџиќ.
Засега во новоформираната Комисија не се појавиле двајца претставници од СПУКИМ. Претседателот во заминување Кирил Спироски немаше коментар за најавите за бојкот на изборите. Кратко ни изјави дека изборниот процес е во тек и дека како в.д. претседател во заминување, неговиот коментар не е релевантен.
Од Студентскиот пленум го оспорија и изборот на новиот ректор, откако во тензична атмосфера на Ректоратот, Верификационата комисија ги констатираше мандатите на 10 сенатори од Студентскиот парламент, кои за Пленумот се истечени и нелегитимни.