Достапни линкови

Тензичен избор на нов Универзитетски сенат на УКИМ


Тензии пред Ректоратот на УКИМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Тензии пред Ректоратот на УКИМ

Студентскиот пленум го блокираше Ректоратот, затоа што тврди дека десеттемина предложени сенатори од страна на СПУКИМ се нелегитимни.

Верификационата комисија на конститутивната седница на новиот Сенат на УКИМ им ги констатираше мандатите на десеттемина студенти предложени од СПУКИМ за членови во Сенатот. Токму нивниот избор беше спорен. Не беше верификуван мандатот само на предложениот сенатор од Институтот за македонски јазик.

Студентскиот пленум претходно ја тргна четиричасовната блокада на Ректоратот на УКИМ, откако беше договорено на седницата на Универзитетскиот сенат да присуствуваат и четворица претставници на Студентскиот пленум. Денеска се формира нов Сенат, кој треба да избере нов ректор. Во потесен избор влегоа професорите Ненад Новковски од ПМФ и Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет.

Претходно дојде до тензии кога претседателот на СПУКИМ Кирил Спироски ги повика предложените сенатори да влезат преку спореден влез во Ректоратот. Неколкумина успеаја да влезат, а професорката Родна Живковска од Правниот факултет, која е член на Верификационата комисија, влезе во вербален конфликт со студентите што го блокираа и тој влез.

Студентскиот пленум го блокираше Ректоратот, затоа што тврди дека десеттемина предложени сенатори од страна на СПУКИМ се нелегитимни. Велат дека на Спироски, како и на 20 од 23 претседатели на Студентските сојузи на факултетите им е истечен мандатот. Бараат прво да се одржат фер избори за Студентскиот парламент, па потоа новиот парламент да предложи сенатори од редот на студентите. Во Универзитетскиот сенат има 68 сенатори – 58 од факултетите и научните институти и десетмина претставници на студентите.

Деа Здравковска од Студентскиот пленум рече дека до Верификационата комисија доставиле документи од Централниот регистар кои докажуваат дека претставниците на СПУКИМ се нелегитимни.

„Се надевам дека ќе биде се како што треба и дека ќе ги исполнат нашите барања. Во спротивно ќе треба да дискутираме кои ќе бидат нашите наредни мерки“, вели таа.

Претседателот на СПУКМ Кирил Спироски, чиј мандат е истечен од пред две години, вели дека тој е избран за в.д. претседател и оти сите процедури во Студентскиот парламент се запазени согласно статутот.

„Десетте студенти-претставници се избрани од легитимни претставници во Студентскиот парламент на тајно гласање согласно нашиот правилник и тука нема никаков проблем“, вели тој.

Професорскиот пленум им се придружи на студентите во блокадата и ги поддржа напорите на Студентскиот пленум да се спротивстават на, како што велат, уште еден обид за злоупотреба на студентското организирање. Тие го поддржаа барањето да се стопира постапката за избор на ректор сè додека не се одржат законски, фер и транспарентни избори за претседател на Студентскиот парламент.

Доцент Мира Беќар од Филолошкиот факултет рече дека сакаат да се формираат фер услови за избори за да може Универзитетот да ја исполни својата мисија.

„Навистина сметаме дека треба да се обезбедат услови за фер и легитимни избори. Сега во моментот работите очигледно не се доразјаснети“, изјави таа.

Ректорот во заминување Велимир Стојковски вели дека Сенатот, како највисок орган на Универзитетот, мора да биде конституиран. Ние не може да навлегуваме во постапката на избор на претставници на СПУКМ, вели тој.

„Сенат мора да се конституира. Не заради избор на ректор и заради нечија желба, туку заради тоа што Универзитетот мора да функционира. За последиците што ќе настанат од нефункционирањето на Сенатот ќе одговараат студентите коишто се пред вас, на вратата, затоа што мислам дека ова има најмалку допирна точка со нешто академско, а сè повеќе со нешто друго што е далеку од академската и рационалност и етика и разум“, рече Стојковски додека траеше блокадата.

Професор Елена Градишки-Лазаревска од Правниот факултет, пак, му рече на ректорот дека токму тој има обврска да се грижи за законитоста и статутарноста.

„И кога сте констатирале, а сте требало да констатирате, дека мандатите им се истечени, да го стопирате процесот на донесување на одлуките додека не се изберат студенти во нов мандат“, рече таа.

Изборите за студентски лидер се закажани за 30 јуни, но Студентскиот пленум бара тие да бидат одложени за крајот на септември, за веднаш после тоа да се избере и нов ректор.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG