Достапни линкови

Ќе има ли училници за тетовските гимназијалци?


Не се знае дали распустов ќе се градат нови училници за гимназијалците од македонска настава во Тетово

Втора учебна година по ред гимназијалците од наставата по македонски јазик во Тетово ја завршија во други објекти надвор од матичното училиште, а нивните родители стравуваат дека и од септември нема да има промена. Тоа го образложуваат со фактот дека се уште нема утврдено долгорочно решение за просторниот проблем, а сметаат дека за два месеци колку што остануваат до почетокот на новата учебна година нема доволно време за реализација на било која идеја.

Снежана Новаковска од одборот на родителите вели дека им било дадено ветување и од градоначалничката Теута Арифи дека за учениците од македонска настава ќе се изгради нов објект, но дека постојат само уште некои ситни проблеми кои би требало да се решат пред да се започне со градбата на новата гимназија.

„Сепак на повидок нема брзо решавање на овој проблем, а дали ова прашање ќе биде решено тоа се уште зависи од Министерството за образование, Министерството за транспорт и врски и градоначалничката Теута Арифи.“

Во Oпштината и во Министерството за образование по завршувањето на учебната година немаат одговор дали нов објект е конечното решение и дали во таков случај ќе успеат во текот на распустот и летниот период да го изградат.

Ако се земе во предвид најавата на заменик министерот за образование дадена во март кога вели дека нова градба е можно решение, а три месеци подоцна нема ништо на повидок, се поизвесно е дека и на почетокот на новата школска година ситуацијата ќе остане иста, велат родителите.

„Постојат извесни урбанистички пречки од аспект на утврдување на локација, но ве уверувам дека максимално сме заложени и ние и Oпштината да најдеме решение на овој проблем. Нашата цел е сите ученици и Македонци и Албанци и други етнички заедници да учат заедно, затоа што тоа е најдобриот приказ на мултиетничкиот соживот кој што ја карактеризира Македонија, а посебно општина Тетово“, изјави заменик министерот за образование Спиро Ристовски при последната посета на Тетово во март.

Градоначалничката Теута Арифи при последниот јавен настан се пофали дека соработката меѓу општината и министерството е одлична, но не даде информации како ќе се справи со недостигот од училници за гимназијалците.

„Школската година која веќе ја заклучивме е резултат на една интензивна соработка меѓу општината и министерството за образование и како резултат на една таква отворена и заедничка соработка успеавме до едно во сите училишта кои се во Oпштина Тетово да правиме инфраструктурни интервенции“, изјави Арифи.

Околу 250 ученици овие две години наставатa ја посетуваа во објект на основно училиште и во простории на Бирото за развој на образованието во Тетово.

XS
SM
MD
LG