Достапни линкови

Созреавме ли?


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.
Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Ме радува што постои тренд на решителност кај младите па наместо решението да си одат од државата го заменуваат со кревање глас против лошите политики и за подобро утре, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Пародијата од држава продолжува, после „тврдите“ пристапи кон проблемите и нивното „решавање“ со продлабочувањата на истите бетонирајќи ги во неколку од своите погубни одлуки, власта како да се изгуби во просторот. Бетонот лесно се скрши, а режимскиот стиропор небаре како мувлосан ѕид се рони пред ветерот на промените кој во голема мера го предизвикува слободната мисла на младите во Македонија.

Во овој тренд „Шарената револуција” е само парче од сложувалката, другото парче се останатите кои протестираат на некој свој начин, важно секој е свесен за својата индивидуална моќ во општеството.

Сигурен сум дека на секој млад човек во Македонија веќе му е дојдено преку глава како од лошите политики, така и од сите исценирани кризи во последниве десет години, само за некој да си ја извади главата од торба и сета прлавштина да ја премести некаде во своите удобни прибежишта. И ако! Ако е тоа решението на сета режимска циркузијада нека оди, само нека ја спаси државата од понатамошната деструкција.

Кризава колку – толку ќе ја истуркаме свесни за последиците од неа, туку што правиме со младите кои си заминаа во неповрат, што правиме со младите кои во секој момент би заминале, прашањето е колку и на што сè е спремна моменталната партиско-политичка гарнитура да направи за да барем го намали трендот на иселување, всушност што државата прави за овие млади да не си одат?

Да бидеме реални, ниту Груевски е вечен, ниту пак „фикусот“ вечно ќе биде актуелен со неговите пара-државнички потези. Дали е зрело време да младите го направат следниот посериозен чекор и се изборат за свое место во уредувачката политика на државата? Дали народот, односно дали политичко-партиските лидери се спремни да ги прифатат младите како идните реформатори и градители на оваа полурушена татковина?

Државата старее, поделбите како и сево ова време виреат, но не се нерешливи, има и простор и расположение истите поделби да се заменат за конструктивни идеи произлезени од меѓусебниот дијалог кој е всушност суштинската алатка за решавање на овие горливи проблеми.

Ме радува што постои тренд на решителност кај младите па наместо решението да си одат од државата го заменуваат со кревање глас против лошите политики и за подобро утре. Во овој тренд „Шарената револуција” е само парче од сложувалката, другото парче се останатите кои протестираат на некој свој начин, важно секој е свесен за својата индивидуална моќ во општеството како дел од идејата за држава на младите, за држава во која младите ги уживаат своите права, гордо се носат со предизвиците и ги решаваат проблемите кои претходните генерации не успеале ниту да ги начнат.

За крај, судејќи по фаталните грешки на овој режим, а како последица на револтот кој народот го пресликува периодов односно по она што секојдневно го слушам и гледам, најверојатно освен кратенката „ВМРО“ ќе треба привремено да го заборавиме и зборот „патриотизам“, кој исто како и ВМРО е толку опоганет и разобличен што доаѓа до момент да истиот тој збор се користи односно означува нешто што нема ниту П од патриотизам.

Не навлегувајќи во при-пејд патриотизмот на режимската партија сакам само едно да кажам, а тоа е дека патриот денеска не е само оној кој вее знамиња и пее родољубни песни, туку и оној кој има своја одговорност кон градењето на својата иднина, давајќи свој конструктивен придонес и развивајќи свест за себе и другите како дел од еден народ на една во нашиов случај напатена држава.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG