Достапни линкови

Судот одложува, демонстрантите остануваат во притвор


Основен суд Скопје 1, судски процес против Здравко Савески член на партијата Левица поради протести
Основен суд Скопје 1, судски процес против Здравко Савески член на партијата Левица поради протести

Судењето против уапсените демонстранти е одложено додека не се утврди штетата врз Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов. Тие остануваат во домашен притвор.

Судскиот процес против демонстрантите-членови на новоформираната партија Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, денеска повторно беше одложен за девет дена. Тие се обвинети за кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело за демолирањето на Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов на 13 април, како дел од протестите против аболицијата на политичари.

За мене е многу чудно како тоа повеќе посебни предмети, а секаде се јавува една штета 880 илјади денари. Замислете сега во 10 различни предмети коишто сите, јас се надевам нема да дојде до тоа, но ќе имаат различни рокови на извршност и правосилност, каде ќе имаат штета што треба да ја платата од 880 илјади денари.
Сашо Дуковски, адвокат

Овој пат судската постапка беше одложена затоа што судот ги чека резултатите од вештачењето за причинетата штета што ја побара Државното правобранителство. Обвинителството, исто како и во предметот за приведените демонстрантите Никола Аризанов и Филип Наковски, побара оштета од, како што рече судијката, околу 880 илјади денари или 15 илјади евра, што, според судот, е неприфатливо да се бара неконкретна сума. Дополнително, обвинителството сумата ја извела од допис што го добиле од кабинетот на претседателот.

„За мене е многу чудно како тоа повеќе посебни предмети, а секаде се јавува една штета 880 илјади денари. Замислете сега во 10 различни предмети коишто сите, јас се надевам нема да дојде до тоа, но ќе имаат различни рокови на извршност и правосилност, каде ќе имаат штета што треба да ја платата од 880 илјади денари. Ние ја спориме целокупната штета и дејствието, висината на штетата не е во наша надлежност“, вели адвокатот на одбраната Сашо Дуковски.

Судот по втор пат го одби барањето на обвинителството да се спојат предметите за приведените демонстранти.

Во поднесената кривична пријава, е наведено дека Савески влегол во демолираната канцеларија заедно со дел од толпата, запалил фотографија од претседателот Ѓорге Иванов и фрлил предмет кон Народната канцеларија, додека Куновски, кој бил внатре во канцеларијата, преку искршениот прозорец исфрлил неколку канцелариски столчиња на тротоарот.

Одбраната побара од судот да и дозволи и увид во снимените материјали кои обвинителството ги наведува како доказен материјал.

Во куќен притвор остануваат приведените Здравко Савески, Владимир Куновски, Никола Аризанов, Филип Наковски и Борјан Ефтимов.

Одбраната на Аризанов и Наковски изјави дека тие се подготвени да ја признаат вината, но само откако обвинителството ќе ја прецизира штета за нив. Тој побара од судот да се произнесе за солидарна поделба на штетата. Процесот за нив е закажан за в четврток.

Во моментов се водат три одвоени постапки за петмина приведени демонстранти. Тие учествуваа на протестите кои почнаа против одлуката на претседателот Иванов за помилување на 56 политичари од власта и опозицијата поврзани со предмети на Специјалното јавно обвинителство и аферата прислушување. Протестите како дел од таканаречената Шарена револуција траат веќе четврта недела.

Во последните денови протестот организиран од движењето Протестирам секој ден е фокусиран на еден проблем во општеството, па така се протестираше против корумпираното судство, пред Државната изборна комисија побараа слободен и достоинствен изборен процес, се одбележа првата годишнина од жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако беше објавена опозициската бомба за убиството на Мартин Нешкоски. Потоа во фокусот беше корупцијата и црно-белата МРТВ.

Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција, оставка на претседателот Ѓорге Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG