Во период на статус кво ситуација и политичка криза која предолго трае, аналитичарите предупредуваат дека Меѓународната заедница може да го изгуби трпението и да повлече индивидуални и колективни санкции.
Првата е наметнување на задоволителен дијалог меѓу политичките субјекти. Доколку тој биде одбиен, ќе следуваат санкции.Нано Ружин, универзитетски професор.
Меѓународната заедница инвестираше многу во земјава и таа е свесна дека Македонија стана зависник од неа поради процесот на закоченост на демократијата, вели професорот и поранешен дипломат Нано Ружин.
„Постојат повеќе алатки во рацете на Меѓународната заедница за надминување на кризата. Првата е наметнување на задоволителен дијалог меѓу политичките субјекти. Доколку тој биде одбиен, ќе следуваат санкции во смисла на притисок, или проценки дека иднината на државата е во заложничка состојба.“
Еден вид на притисок претставува и доаѓањето на германскиот амбасадор Јоханес Хајндл за специјален посредик за надминување на кризата, вели Ружин.
„Меѓународната заедница постојано ќе потсетува за реализација на реформите на Договорот од Пржино и секако постојат форми на закана и конкретни казни, како што се запленување на имот, блокирање на финансиските сметки, потоа изолационизам, индиферентност кон македонската владејачка елита, кон државниците и еден вид непосреден притисок од страна на ЕУ и САД“, вели Ружин.
Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека најавите за санкции од ЕУ и САД можат да се реализираат само доколку политичката криза ескалира.
„Меѓународниот фактор сепак очекува дека ние ќе смогнеме сили, пред се мислам на политичките фактори да ја надминат кризата, бидејќи кризата ни се случува нам, а не ним. Меѓународната заедница засега не е ставена во ситуација да биде многу агресивна, многу активна и многу ажурна. Таа сепак се надева дека ќе се излезе од кризата без да ја вовлече политиката и нашата земја во некои поригорозни санкции“, вели Зибери.
И дипломатите порачуваат дека најважно од се е да се спроведат потребните услови за излез од кризата, но и да се обезбеди надзор од Меѓународната заедница за да се гарантира дека секоја од страните ќе ги спроведе препораките. Неодамна и поранешниот евроамбасадор во Скопје, Евран Фуере порача дека не треба да се брза со закажување на нов датум за одржување на избори се додека не се спроведат потребните услови, а притоа тоа да се прави под засилен мониторинг од ЕУ и можни санкции за земјава, ако не се почитуваат предвидените рокови.
Во меѓувреме посредните разговори кои ги водат дипломатите со партиите продолжуваат, а партиите си остануваат на познатите ставови. Можен излез од политичката криза за владејачката ВМРО-ДПМНЕ се избори. СДСМ пак останува на ставот дека не може да се преговара доколку не бидат бидат исполнети двете клучни прашања, а тоа се отповикувањето на одлуката за избори на петти јуни и повлекување на одлуката за аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов. Нивниот став е следните избори да бидат фер и демократски, а не терминот кога тие би се одржале.