Достапни линкови

Странскиот притисок за излез од кризата се зголемува


Од македонските партии велат дека нема ништо ново во разрешување на кризата, а во меѓувреме меѓународниот фактор подиректно се влучува во надминување на истата.

Нема ништо ново - кратко одговараат од некои од партиите потписници на Договорот од Пржино на прашањето до каде се разговорите за надминување на кризата кои се водат со посредство на дипломатите. Неофицијално се пласираат информации дека сè поголема е можноста да се одложат изборите закажани за петти јуни, но дека се разговара како правно би се извело тоа, но проблем останува и аболицијата која ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, а СДСМ го услови учеството во разговорите со повлекувањето на таа одлука.

Ова е еден јасен сигнал до власта дека потребно е сериозно да се разгледа неуставноста односно нелегалноста и генерално лошата намера на аболицијата од Иванов и секако второто прашање е да се најде начин немањето услови за фер и демократски избори да произведе некаков ефект изборите да се одложат.
Миша Поповиќ, Институт за демократија.

Во меѓувреме, додека траат напорите на амбасадорите на Соединетите Американски Држави и Европската унија Џес Бејли и Аиво Орав да најдат заеднички точки, пред се, кај ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ за лидерите да седнат на маса, од официјален Берлин стигна веста дека и тие се приклучуваат во обидите за решавање на македонската криза. Актуелниот германски амбасадор во Австрија Јоханес Хајндл е именуван за специјален претставник на Германија во Македонија, а според портпаролот на министерството за надворешни работи во Берлин, Мартин Шефер внатрешната политичка ситуација во земјава е причина за загриженост во Германската федерална влада.

Ова е сигнал до политичките актери во Македонија, особено до оние од власта дека земјите-членки веќе преземаат улога во разрешувањето на кризата, коментира Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

„Ова сепак не е нешто сосема ново бидејќи видовме дека и претставниците на земјите членки на ЕУ во Македонија, односно амбасадорите имаат своја улога, не е се препуштено на делегацијата на Европската комисија во Македонија, меѓутоа ова е еден јасен сигнал до власта дека потребно е сериозно да се разгледа неуставноста односно нелегалноста и генерално лошата намера на аболицијата од Иванов и секако второто прашање е да се најде начин немањето услови за фер и демократски избори да произведе некаков ефект изборите да се одложат“, вели Поповиќ.

Според поранешниот амбасадор, аналитичарот Алајдин Демири вклучувањето на Берлин во решавањето на проблемот не е поради како што вели неспособноста на американската и дипломатијата на Европската унија, туку поради свесноста на Германија дека проблемот во Македонија бил буре барут за регионот.

„И на Германија и на канцеларката Ангела Меркел многу им е јасно дека кризата во Македонија е криза на политичката елита, односно на тие четири лидери кои ја внесоа земјава во оваа состојба и сега не може да ја извадат“, вели Демири.

Инаку и пред околу два месеца преку соопштение германското министерство за надворешни работи оцени дека нема услови за избори според европските стандарди нагласувајќи дека одговорноста пред сѐ е кај владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа важи, пред сè, за владејачката партија ВМРО. Таа не смее да се огради од сознанието дека изборите ќе ѝ помогнат на земјата единствено ако претходно се создадат предуслови за нивно фер спроведување, согласно европските стандарди. За да се обезбедат еднакви шанси за сите партии, неопходни се веродостојни избирачки списоци, медиумски реформи, кои сѐ уште не се спроведени, како и разграничување меѓу партијата и државата, кое недостига“, се наведува во изјавата на германското МНР објавена во февруари.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG