Функционерите на ДУИ ги доставија нивните неотповикливи оставки до Владата, потврдија од партијата. Во писменото соопштение на партијата е наведено дека ДУИ не е причина за кризата, но е гласот на разумот и жртва на девалвација на пржинскиот процес.
ДУИ одлучи да ги повлече своите членови од извршната власт затоа што нема да го толерира уништувањето на процесот, загрозувањето на суверенитетот, инсталирањето на сцена на полтроните на подземјето.писменото соопштение на ДУИ.
„ДУИ одлучи да ги повлече своите членови од извршната власт затоа што нема да го толерира уништувањето на процесот, загрозувањето на суверенитетот, инсталирањето на сцена на полтроните на подземјето“, се вели во писменото соопштение.
Од партијата ги повикуваат граѓаните да не потпаѓаат во ниту еден момент на клеветите и другите обиди за намерно да се наштети на процесот на реформите.
Во соопштението и денеска не кажуваат какви се нивните планови, ниту детали за односи со коалициониот партнер. Повторно посочуваат дека лидерот Али Ахмети ќе одлучува за натамошните чекори.
Меѓународниот фактор не коментира
Меѓународната заедница се воздржува од коментари за одлуката на ДУИ да ги повлече своите министри само една недела пред официјалното распуштање на Собранието. Дел од амбасадорите чекаат да ги слушнат причините за донесувањето на таа одлука, додека други не сакаат да коментираат. Меѓународниот фактор беше дирекно инволвиран во пржинскиот договор за излез од политичката криза. Долгите преговори кои се водеа меѓу четирите партии беа во посредство на амбасадорите на ЕУ и САД. А во клучните моменти на помош доаѓаше и еврокомесарот Хан.
Партиски реакции
Претставници на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за дел од медиумите изјавија дека засега нема да ја коментираат одлуката на ДУИ. Пратеникот на СДСМ Хари Локвенец во Собранието изјави дека ДУИ е таа што треба да одговара пред јавноста за нивната одлука.
„Вистинската адреса на едно вакво прашање е ДУИ, да даде директен одговор за тоа кои се причините за излегување од техничка влада со единствена задача спроведување на фер и демократски избори во Република Македонија.“
ДПА, пак, смета дека оставките на министрите од ДУИ претставува кулминација на хипокризијата на оваа партија.
„ДУИ и Али Ахмети не даваат никакво образложение зошто сега излегуваат од Влада. Досега Ахмети предавството, корупцијата, организираниот криминал, а сега и неморалноста ни го продаваат како вредност и патриотизам, изјави пратеникот на ДПА Орхан Ибраими во Собранието на РМ.
Се огласија и преставниците на помалите партии кои велат дека одлуката на ДУИ да ги повлече своите функционери е со цел бетонирање на 5 јуни како датум за избори.
Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов вели дека иако нема доволно информации за причините за повлекувањето на функционерите на ДУИ, сепак би било добро ако тоа е во насока на формирање на политичко-експертска влада,
„Која што ќе спроведе реформи неопходни за стабилизирање на состојбите во Република Македонија за деблокада на институциите во државата, сè со цел да се создаде позитивен амбиент за оддржување на фер и демократски избори.“
Поранешниот пратеник на ДУИ, а сега член на Унитети Зулфи Адили, вели дека оваа одлука е договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да се оди на избори на 5 јуни, иако нема услови за тоа.
„Јас мислам дека ова е само политички трик на ДУИ. ДУИ имаше многу можности за да излезе од Владата. Тоа не го направи во многу периоди кога имаше можност за тоа, но не го стори тогаш, туку сега го прави. Ние мислиме дека ДУИ нема да излезе од Владата, туку дека тоа е само политички трик, за да му овозможи на големиот шеф, на ВМРО- ДПМНЕ и Никола Груевски да се оди на избори.“
Претходно ДУИ и откажа лојалност на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со ставот дека нема да гласа за измените за Законот за кривична постапка доколку не ја добие поддршката и од опозицијата, иако пратеникот Муса Ибраими е еден од предлагачите на законските измени.
Од друга страна, пак, ова не е прв пат како ДУИ се заканува со напуштање на власта. Досегашната пракса покажа дека партијата најмалку еднаш годишно излегуваше со став дека ќе ја напушти владата доколку не се преземат одредени мерки.