Констатирање на оставки во Собрание, враќање на мандатот кај Претседателот по што тој треба да го додели на партијата што освоила најмногу гласови на изборите во 2014 година, односно ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие не обезбедат мнозинство во Собранието кои сега сами го немаат, тогаш мандатот претседателот го дава на партијата која е втора според гласови, во овој случај СДСМ, која би требало да се обиде да направи мнозинство.
На ДУИ и се случи вчера бродолом во смисла на тоа дека и наговестувањето за излегување од владата што можеше да го направат за технички или други принципиелни причини претходно не го направија и сега кога доцна им се случува укажува на голем проблем со кој ќе се соочат на избори кога било тие да се одржат.Рамадан Рамадани, политички аналитичар
Ова според уставните експерти е сценариото што би требало да се случува по одлуката на ДУИ да ги повлече своите министри од владата.
„Во конкретниот случај по аналогија може да се примени членот 94 став 4 кој што се однесува на ситуација кога претседателот на Владата предлага разрешување и ако предложи разрешување на повеќе од една третина од министрите, Собранието постапува како за избор на нова Влада“, вели професор Темелко Ристески.
Имено сегашниот владин состав има вкупно 24 члена што значи дека деветте на ДУИ се повеќе од една третина.
Оваа изненадувачка одлука на партијата на Ахмети отвори не само уставни дилеми, туку и многу прашања за тоа што понатаму и во политичка смисла.
Во игра неколку сценарија
Се посочува на неколку варијанти - можен договор со коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за да се бетонира датумот за избори 5 јуни, правење на ново парламентарно мнозинство без партијата на Груевски кое би требало да обезбеди услови за фер и демократски избори, или пак само повлекувањето на актуелните министри од ДУИ и поставување на нови имиња кои досега не беа компромитирани во јавноста.
Последнава опција всушност ја забрзува работата од уставен аспект, оти во таков случај нема потреба од обиди за правење на ново парламентарно мнозинство, туку премиерот по добивањето на мандатот веднаш ќе извести дека го има и ќе ја направи реконструкцијата.
Се уште има премалку детали во јавноста за да се прогнозира што точно стои зад одлуката на ДУИ и како ќе се одвиваат работите, коментира аналитичарот Рамадан Рамадани. Но без разлика на сите варијанти тој е убеден дека ваквата одлука е донесена пред сè заради внатрепартиските проблеми.
„На ДУИ и се случи вчера бродолом во смисла на тоа дека и наговестувањето за излегување од владата што можеше да го направат за технички или други принципиелни причини претходно не го направија и сега кога доцна им се случува укажува на голем проблем со кој ќе се соочат на избори кога било тие да се одржат “, вели Рамадани, кој смета дека во случај владиното мнозинство да се распадне, не е многу веројатно дека ДПА би коалицирала со ВМРО-ДПМНЕ, оти не би ризикувале да влезат во влада за краток период знаејќи дека тоа нема добро да влијае врз рејтингот за изборите.
Но уставните експерти се воздржани и за која било варијанта оти посочуваат дека без разлика на тоа што се предвидува во Уставот и законите, во Македонија се случуваат преседани, па посочуваат на примерот во 1997 година кога тогашниот премиер Бранко Црвенковски по аферата ТАТ прави реконструкција на повеќе од една третина на Кабинетот, но не го враќа мандатот а Уставниот суд одлучува да не ја разгледува преставката за кршење на Уставот.