Достапни линкови

Решение за името по изборите?


Во услови на политичка криза нема да се реши проблемот со името со Грција, но меѓународниот фактор потсетува дека и тоа прашање е отворено и дека покрај на внатрешните проблеми треба да се мисли и на името.

Во овој момент кога Македонија е обременета со политичка криза која предолго трае имаме пораки од амбасадорот на САД Џес Белји, а претходно и од медијаторот Метју Нимиц дека е вистински момент да се реши прашањето за името и оти тоа ќе биде една од првите обврски на новата Влада. Според дел од експертите прашањето кое се провлекува години наназад не може да се реши сега, но оти проблемот се актуелизира за да им се укаже на Владата и на партиите дека прашањето со името останува нерешено и оти на тоа треба да размислуваат кога ќе бараат излез за актуелната политичка ситуација во која се најаде државава.

Ова е само еден обид да се укаже дека прашањето со името останува нерешено и во една ваква ситуација во којашто се наоѓа Македонија, странците потсетуваат дека таа покрај внатрешните проблеми, таа има и проблем со името, односно Грција има проблем со името и тој проблем треба да се решава.
Благој Зашов, поранешен дипломат.

Поранешниот дипломат Благој Зашов наведува дека ниту мигрантската криза, ниту Договорот од Пржино не се причината за покренување на ова прашање сега, туку дека тоа е само потсетување оти прашањето за името треба да се решава.

„Ова е само еден обид да се укаже дека прашањето со името останува нерешено и во една ваква ситуација во којашто се наоѓа Македонија, странците потсетуваат дека таа покрај внатрешните проблеми, таа има и проблем со името, односно Грција има проблем со името и тој проблем треба да се решава“, вели Зашов.

Зашов смета оти моментот не е погоден за рашавање на прашањето за името и оти тоа долго ќе трае и ќе зависи од тоа како ќе се разреши внатрешната политичка ситуација.

Универзитетскиот професор Димитар Мирчев наведува дека прашањето за името се покренува поради претстојниот самит на НАТО што ќе се одржи во Варшава во јули каде според него повторно ќе се актуелизира приемот на Македонија. Со оглед на мигрантската криза и претстојните избори во Македонија Мирчев не очекува решение на проблемот во позабрзана постапка, но тој се надева дека Самитот на Алијансата ќе претставува притисок да се седне на маса и ,како што вели, преговарачот Нимиц повторно да има рунда разговори тука и во Њујорк.

„Нашите партнери ги бараат можните солуции на тоа прашање, меѓудругото веројатно имаат и контакти со грчката страна околу тоа“, вели Мирчев.

Мирчев дополнува оти ниедна влада во услови на политичка криза или ако се распушти Собранието нема да има лигитимитет да преговора за името.

Меѓутоа Зашов не мисли дека прашањето за името се актуелизира поради претстојниот Самит на НАТО, оценувајќи дека покрај со името сега ни се наметнуваат дополнителни критериуми што треба да ги исполниме кои произлегуваат од политичката криза која дополнително ја одалечува Македонија од нејзините стратешки евроатлански определби.

„По јули нема нешто да се помести прашањето за приемот на Македонија во НАТО, дотолку повеќе што веќе се поставува прашање дали во ваква ситуација во којашто се наоѓа Македонија дали ќе ги исполнува критериумите и по друг основ, не само по врзано со името. Нестабилна политичка ситуација, криминали коишто се најавуваат и најавите дека демократијата во Македонија е нарушена“, вели Зашов.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG