Достапни линкови

Зошто сега мора да се реши спорот за името?


Архивска фотографија: Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Попоски и Никос Коѕијас во Скопје.
Архивска фотографија: Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Попоски и Никос Коѕијас во Скопје.

Македонија и Грција мора да постигнат напредок во спорот за името, оценуваат експерти, додавајќи дека тоа го бараат и САД и ЕУ. Главни причини се глобалната битка против милитантите на исламската држава и мигрантската криза.

Денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот грчки колега Никос Коѕијас во Атина е изнудена од САД и од ЕУ, вели професор Денко Малески. Тој истакнува дека комуникацијата околу прашањето за името во последните месеци се одвива под притисок и оти двете земји бегаат од теми кои им носат проблеми во домашната политика што, како што вели, е особено нагласено во ситуација кога Македонија има тешки политички проблеми, а Грција е во економска криза.

Притисокот од страна е силен и тие сега мораат нешто да покажат. Што од ова ќе биде останува да се види. Но, треба да имаме предвид дека причината зошто се притиска токму во ова време е да се направи исчекор е фактот дека Македонија, ако по излегувањето од оваа длабока криза не се приклучи на двата сојузи, НАТО и ЕУ, дека таа повторно ќе западне во криза.
Денко Малески, универзитетски професор.

„Но, притисокот од страна е силен и тие сега мораат нешто да покажат. Што од ова ќе биде останува да се види. Но, треба да имаме предвид дека причината зошто се притиска токму во ова време е да се направи исчекор е фактот дека Македонија, ако по излегувањето од оваа длабока криза не се приклучи на двата сојузи, НАТО и ЕУ, дека таа повторно ќе западне во криза“, вели Малески.

Тој дополни дека втората причина поради која меѓународната зедница ќе инсистира за решавање на спорот со името е поради настаните на меѓународната сцена со појавата на ИСИС и проблемите со мигрантите. Професор Малески истакнува дека ривалството на големите сили во регионот исто така наложува да се згуснат редовите на западниот Сојуз и сите делови во Европа да се стават во функција на заедничка одбрана.

„Тоа е меѓународната логика која врши притисок врз двете земји да се разреши овој проблем и НАТО како безбедносна структура да се прошири со Македонија, а ЕУ да почне преговори со идната нова членка“, додава Малески.

Инаку, медијаторот Метју Нимиц неодамна изјави дека проблемот со бегалците, кој многу влијае врз двете држави, зголемувањето на терористичките закани во регионот, како и економските тешкотии со кои се соочува Југоисточна Европа се дополнителни причини поради кои решавањето на спорот со името е од суштинско значање.

Министерот Никоs Коѕијас во Македонија беше во јуни и тогаш беа потпишани 11 мерки за градење доверба.

Според аналитичарот Владимир Божиновски, изборите во Македонија и економската криза во Грција нема да ги блокираат планираните средби и мерките за градење доверба меѓу двете земји што во јуни ги потпишаа двајцата министри.

„Комуникацијата овозможува полесно решавање на отворените прашања и проблеми кои ги засегаат и двете земји. Без комуникација не е можно да се решат ни најосновните проблеми како што тоа го видовме со примерот од мигрантската криза“, вели Божиновски.

Меѓутоа, професор Малески нагласува дека е многу важно да произлезе нешто од оваа комуникацијата меѓу Македонија и Грција и дополнува дека е потребно тоа да не се употреби како алиби пред меѓународниот фактор за да се прикаже дека двете земји нешто прават, а во суштина не работат сериозно на изнаоѓање компромисно решение за спорот со името.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG