Македонија на Самитот во Букурешт во 2008 година беше пред вратите на НАТО, но земјата не ја доби покана од Алијансата поради проблемот со името со Грција. Сега Македонија има два значајни услови за да стане членка на НАТО, коментираат експертите. Едниот е да најде компромисно решение за името со Грција, а другиот е спроведувањето на договорите од Пржино. Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин посочува дека сега Македонија треба да реши еден внатрешно – политички и еден надворешно – политички проблем.
Се повеќе слушаме анти-НАТО и анти-американски изјави на луѓе блиски до Владата и дури сметам дека и расположението за влез во НАТО е опаднато во однос на тие години.Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.
„Македонија од 2008 година наваму е во постојано тапкање пред НАТО. Знаеме какво беше расположението на Владата, таа го конкретизираше овој услов, а паралелно со тоа отпочна и една девалуација на нашите предности кои ги имавме во 2004 година. Се помалку инвестиции, се помалку буџет има армијата и реформите коишто се предвидени за тоа. Се повеќе слушаме анти-НАТО и анти-американски изјави на луѓе блиски до Владата и дури сметам дека и расположението за влез во НАТО е опаднато во однос на тие години“, вели Ружин.
Тој потсетува на одлуката на НАТО во Лондон во 1990 година постојано да инсистира на реформи на надворешен план, односно на таканаречената политика на отворени врати за сите држави од Европа кои ги почитуваат не нејзините вредности. Црна Гора ќе стане 29-та членка, откако во изминативе години во северно – атланската алијанса се приклучија Словенија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Унгарија, Романија, Словачка, Чешка и Балтичките земји.
Во однос на приемот на Црна Гора, министерот за надворешни работи на Македонија истакна дека членството на било која земја од Регионот може само да биде позитивен фактор врз целокупната стабилност и безбедност на регионот, вклучително и на Македонија.
„Ние остануваме со нашата заложба за членство и на Република Македонија, нешто што одамна веќе е заслужено, барем од 2008 година, кога е и формално констатирано и доколку не беше наметнатиот спор за името, Македонијa ќе го реализираше“, рече Попоски.
Универзитетскиот професор Мерсел Биљали, пак, вели дека Македонија одамна ќе станела членка на НАТО и на Европската унија, но дека владеачката структура намерно го прекинала тој процес за да владее неограничено.
„Демагогијата на ВМРО-ДПМНЕ или на ДУИ дека сакаме во НАТО и ЕУ, тоа е празна демагогија која апсолутно не соодветствува со реалноста. Се работи спротивното, надвор од тие принципи и за жал за таквата политика и ние како граѓани имаме одгoворност што ја толерираме. Јас не ги обвинувам многу политичарите колку луѓето што се толку индиферентни. И практично остануваме црна дупка или запуштен остров кој практично масовно го напуштаат и неговите граѓани“, вели Биљали.