Достапни линкови

Гарет - Има многу работа за кредибилни избори во април


Гарет - Многу работа за кредибилни избори во април
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:09 0:00

Одржувањето на кредибилни избори во април следната година значи дека има многу работа во меѓувреме, и потребно е не само политичките лидери во земјата, туку и институциите, медиумите, граѓанскиот сектор да се здружат, да работат заедно преку конструктивна работа за исполнување на таа цел, вели британскиот амбасадор Чарлс Гарет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре, како ќе влијaе постигнатиот договор за обврските од Пржино врз извештајот на Европската комисија за Македонија?

Комисијата би требало да се произнесе по тоа прашање и наскоро ќе дознаеме. Мислам дека е одлично што имаше договор, тоа е чекор напред за Македонија и им честитам на сите вклучени во процесот. Извештајот ќе содржи повеќе препораки за Македонија и информации за состојбата на демократијата и владеењето на правото, но и за другите области во Македонија. Затоа е битно да се погледне содржината, да се има предвид при идните чекори за земјата.

Имајќи ги предвид проблемите со политичкиот договор од 15 септември досега, во која форма ќе биде спакувана препораката?

Доста слушнав за ова. Се разбира, ова е прашање за кое Комисијата треба да одлучи како ќе биде спакувано. Она што е битно е што содржи таа условеност. Сите извештаи во нив содржат условеност, пакет на мерки за тоа до каде е земјата и што уште треба да направи. Фокусот треба да биде таму, на содржината на извештајот, да се види што е она што лидерите и институциите во Македонија треба да го направат за да се придвижи Македонија напред.

Дали чувствувате одговорност, со оглед на тоа дека сте дел од Европската унија, за тоа што Македонија добива шест препораки по ред, а преговорите не се почнати, а како една од причините за подлабоката криза се посочуваат и блокираните евроинтеграции?

Се согласувам дека Македонија е во многу фрустрирачка ситуација, многу е тешка и знаеме колку време веќе се одвива и што ѝ донесе на Македонија. Многу е битно кризата да се реши на начин кој ќе овозможи на Македонија да се придвижи напред, туку и сите други пречки кои Македонија ги има на патот за ЕУ и НАТО да можат да се разрешат. Знаеме што треба да се направи и мислам дека треба да биде врвен приоритет веднаш штом ситуацијата ќе овозможи.

Политичкиот договор од Пржино треба да даде подлога за минимум услови за фер и демократски избор. Што мислите има ли доволно време до април да се создадат тие услови, ако досегашната пракса покажа дека во секој поглед се закочува спроведувањето на договорот?

Договорот од Пржино е со многу набиен распоред, но остварлив, доколку сите страни ја разбираат потребата и итноста од исполнување на овие работи, лидерите да работат со добра волја. Одржувањето на кредибилни избори во април следната година значи дека има многу работа во меѓувреме, и потребно е не само политичките лидери во земјата, туку и институциите, медиумите, граѓанскиот сектор да се здружат, да работат заедно преку конструктивна работа за исполнување на таа цел. Мислам дека исто така треба да се истакне дека гласачите се многу битни за изборите, и тоа не само на денот кога ќе го дадат својот глас, туку и во сите други случаи кога им поставуваат барања на своите лидери, кога притискаат, да ги држат лидерите на патот на кој сакаат гласачите. Така што, ако сите овие актери се здружат, мислам дека договореното од Пржино може да се постигне.

Има ли потреба од одложување на датумот за изборите на онолку време на колку ќе се одложи спроведувањето на договорот и роковите во него?

Како што кажав, Пржино има набиен распоред на обврски за одржување на кредибилни избори во април. Тој распоред може да се исполни, само мора сите страни да дадат сè од себе, добрата волја која се наведува во договорот од Пржино, за сите страни да соработуваат и да не се забавуваат работите, да не се блокираат.

Ако земјава со години не може да најде решение сама и постојано помош бара од меѓународниот фактор, дали може да се каже дека земјава ги задоволува основните копенхагенски политички критериуми?

Копенхагенски критериуми не се мерат според тоа колку меѓународна поддршка има одредена земја. На сите земји во транзиција во процесот на проширување во изминатите петнаесетина години им била потребна поддршка од меѓународната заедница. Македонија не е исклучок на тој процес. Она што се сугерира е дека можеби институциите немаат сила самите да ги исполнат обврските, па им е потребна поддршка. Мислам дека секој што е вклучен во процесот треба да работи на тоа за да напредува земјата.

Дали може да се каже дека ги исполнуваме копенхагенските политички критериуми?

Мислам дека тоа не е мерка на поддршката на меѓународната заедница. Мислам дека има аргументи за тоа дали Македонија ги исполнува копенхагенските критериуми, со оглед на минатите извештаи за напредокот, за тоа во која насока се движи Македонија. Наскоро ќе имаме најнови информации по тоа прашање.

Работата на Специјалниот јавен обвинител ќе биде основен показател за насоката во која ќе се движи земјава. Какви се вашите очекувања ако на ум ги имате досегашните опструкции уште пред Јанева да почне со работа?

Би се согласил дека работата на специјалниот јавен обвинител е клучна, бидејќи таа се основа поради наводите за сериозните обвинувања кои ги имаше во прислушуваните разговори. Потребно е тие правилно да се разгледаат, со цел да има основа за темелна разврска на политичката криза. Мислам дека се одлични вести што е составен нејзиниот тим, што има одобрен буџет, што може да почне со работа од понеделник и мислам дека ќе има напредок. Клучно е секој што има влијание на тој процес да сфати дека нејзе треба да и се овозможи да ги постигне своите цели без да има блокади или влијание за да има фер процес со јасен и фер исход. Клучно за овој процес е што сите политички партии во Парламентот се согласија по ова прашање, нешто за што демократските институции во однос на ова прашање се согласија. И доколку некој од таа мрежа ги кочи работите, тоа само по себе ќе претставува предизвик за Пржино. Слушнавме дека Катица Јанева почнува со работа од понеделник и доколку има некој обид да се блокира тогаш треба да се праша зошто некој би го правел тоа.

Зошто некој би ја блокирал работата на Јанева?

Предизвикот е голем, наводите се сериозни и тие се однесуваат на широк спектар на луѓе. Има очекувања од многу страни со оглед на тоа дека политичките партии се согласија за специјалниот обвинител дека нејзе треба да ѝ се дозволи да работи за да има јасен и фер исход.

Во медиумите се појави информација дека Британија го повлекла своето учество од неформалната група „Пријатели на Македонија“ заедно со уште 4 други земји. Дали е точно и ако е зошто?

Во Брисел постојано има различни групирања, така што не би навлегувал многу во таа информација. Она што е битно за позицијата на Британија е што ние секогаш сме биле многу силен поддржувач на членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, како дел од развојот на европското семејство. Во работењето на тие цели, секогаш сме биле критичен пријател на Македонија. Тоа е најдобар пристап, најсилен пријател, затоа што критичен пријател е секогаш подготвен да ви даде искрен совет за областите во кои треба да ја зајакнете својата позиција и да дојдете до подобри резултати, отколку само да ви кажува работи кои би правеле да се чувствувате добро. Понекогаш е тешко, но на долг рок мислам дека критичниот пријател е многу посилен и подобар тип на пријател. Ние ќе продолжиме да бидеме критичен пријател. Ние ја разбираме позицијата во која се наоѓа Македонија, и дека таа е многу тешка, но процесот на демократизација и спроведување на реформите за приближување кон Европската унија е тежок процес со многу предизвици. Ние ќе ве поддржиме во тој процес исто како што сме ги поддржале и другите земји кои станале членки на ЕУ и НАТО во изминатите петнаесетина години.

Во извештајот на Прибе е наведено дека корупцијата во Македонија заслужува посебен извештај. Што мислите, кои се причините што доведоа до ова?

Извештајот на Прибе беше јасен. Тој јасно наведува дека борбата против корупцијата е највисок приоритет во Македонија, но тој извештај не е документ во кој овие работи се разгледуваат во детали, нивниот фокус беше поинаков, фокусот беше на демократијата и прислушувањето итн. Тие сметаат дека треба да има посебен преглед на прашањето за корупцијата и јас се согласувам со тоа. Има многу сериозни наводи за корупција во прислушуваните материјали, има многу врева, сугестии, гласини, приказни за корупција и на други места, и од други извори во Македонија. Има многу материјал за ова, но има многу тенко досие за успех во оваа област. Така што мора да се направи нешто по однос на ова прашање за Македонија да се придвижи кон подобро место во оваа област. Многу е битно ова да се направи. Корупцијата е многу нефер, тоа е ситуација каде имате мала група на луѓе кои се однесуваат на криминален начин и се богатат и голем број на луѓе кои патат поради тоа. Зошто обичниот граѓанин кој плаќа данок, да плаќа за некој друг да се богати? Тоа не е фер и треба да се спречи. Такво однесување е многу уништувачко за една земја, го закочува економскиот раст, општествено – поради тоа што корупцијата е нефер појава, затоа што голема група на луѓе плаќа за луксузот на една мала група на луѓе, тоа има уништувачки ефект на општеството. И се разбира на демократизацијата. Ако имате огромна корупција која соодветно не е процесуирана преку судскиот систем, тогаш тоа треба да биде врвен приоритет за Македонија.

Медијаторот Метју Нимиц неодамна изјави за грчки медиум дека сега е идеално време за решавање на спорот за името, што мислите дали во ваква политичка криза има услови за такво нешто?

Не мислам дека некогаш ќе биде идеално време за решавање на ова прашање. Тоа е прашање кое ја спречува Македонија да напредува низ еден подолг период. Мислам дека неговото решавање ќе ја придвижи земјата. Дали тоа ќе се случи сега или за неколку месеци, можеби не е вистинското прашање. Вистинското прашање е дали лидерите во Атина и Скопје имаат политичка храброст за ова и чувство за лидерство и итност кои се потребни за да се постигне ова. Верувам дека лидерите и во двете земји треба да се посветат на ова прашање и мислам дека е дојдено времето. Политичката криза ни покажа кои се причините за решавање на ова прашање што е можно побрзо.

Како ја оценувате економската соработка меѓу Македонија и Велика Британија и што треба да се преземе за да се подобри?

Сметам дека е добра и оди нагоре. Имаме фина бројка на битни инвеститори од Британија во Македонија, компании како Џонсон Мети која има фабрика овде, на неколку километри од Скопје, што тие ја сметаат како многу битна точка во нивните операции насекаде во светот. Исто така Комфи Ангел во Прилеп, британско-македонска фирма за постелнина, и на пример неодамна чув дека секое четврто домаќинство во Британија ги користи нивните производи, што е одличен успех. Во софтвер секторот ги имаме Ендава, Алокејт Софтвер, кои се задоволни од нивната работа овде, така што мислам дека има место и за други инвеститори овде. Во обратна насока имаме исто така напредок, македонски брендови кои се шират во Британија, како Тиквеш вината, ајварот како производ, има добри примери и во тој правец кој го гледам во нагорна насока во иднина. Прашавте како може да се подобри, мислам дека секако од гледна точка на инвеститорите е владеењето на правото. Мислам дека многу од прашањата за кои зборуваме во контекст на Пржино и реформската агенда, ќе бидат битни. Инвеститорите ја сакаат сигурноста на владеењето на правото.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG