Достапни линкови

Договорот - чекор напред за Македонија


Британскиот амбасадор вели дека е одлично што имало договор. Што се однесува до извештајот на ЕК тој препорачува фокусирање на содржината за да се види што треба да се направи за да се придвижи Македонија напред.

Договорот од минатата ноќ е чекор напред за Македонија, изјави британскиот амбасадор Чарлс Гарет, по финалните преговори на четирите најголеми политички партии околу законот за влада, законот за приватност и објавувањето на прислушуваните материјали, кои во изминатите две недели го закочија спроведувањето на договорот за излезе од политичката криза.

Се разбира, ова е прашање за кое Комисијата треба да одлучи како ќе биде спакувано. Она што е битно е што содржи таа условеност. Сите извештаи во нив содржат условеност, пакет на мерки за тоа до каде е земјата и што уште треба да направи. Фокусот треба да биде таму, на содржината на извештајот, да се види што е она што лидерите и институциите во Македонија треба да го направат за да се придвижи Македонија напред.
Чарлс Гарет, британскиот амбасадор во Македонија.

„Мислам дека е одлично што имаше договор, тоа е чекор напред за Македонија и им честитам на сите вклучени во процесот. Извештајот ќе содржи повеќе препораки за Македонија и информации за состојбата на демократијата и владеењето на правото, но и за другите области во Македонија. Затоа е битно да се погледне содржината, да се има предвид при идните чекори за земјата“, изјави Герет во неделното интервју на Радио Слободна Европа, кое во целост ќе биде објавено в недела.

Извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија треба да биде објавен идната недела и од исходот од овој круг од преговорите за договорот од Пржино зависеше дали Македонија ќе добие уште една препорака без оглед дали таа ќе биде условена. Амбасадорот Гарет не коментираше како ќе биде формулирана препораката во извештајот за напредокот кон ЕУ што ќе биде објавен деновиве.

„Се разбира, ова е прашање за кое Комисијата треба да одлучи како ќе биде спакувано. Она што е битно е што содржи таа условеност. Сите извештаи во нив содржат условеност, пакет на мерки за тоа до каде е земјата и што уште треба да направи. Фокусот треба да биде таму, на содржината на извештајот, да се види што е она што лидерите и институциите во Македонија треба да го направат за да се придвижи Македонија напред“, вели Герет.

Во Европската комисија рекоа дека очекуваат усвојување на синоќешниот договор во Собранието.

„Гледаме дека партиите се блиску до постигнување договор. Ги охрабруваме сите партии да сторат се што е неопходно во однос на имплементирање на обврските од Договорот од 2 јуни и од 15 јули. Тоа е особено важно во однос на претстојниот извештај за напредокот на Македонија“, изјавија од ЕК

Инаку минатата недела амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција Германија, Италија и ЕУ во Македонија порачаа дека успехот итно да се спроведе договорот од Пржино е најдобриот пат за излез од оваа политичка криза и оти тоа ќе се одрази на односот на Европската комисија кон земјата.

Европратеникот Ричар Ховит и поранешен известувач за Македонија веќе порача дека извештајот ќе содржи низа условувања и квалификации.

Со оглед на смирувањето на политичките тензии и спроведувањето на точките од договорот од Пржино сега се очекува ЕК на Македонија да и додели седма по ред препорака до Европскиот совет за отворање на преговорите за членство. Но препораката се очекува да биде условена со целосно спроведување на договорот, заклучно со организирањето и одржувањето парламентарни избори во април, за што Комисијата според информациите што може да се слушнат во јавноста, ќе изрази подготвеност да подготви нов кус извештај идната година напролет.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека договорот од минатата ноќ е во интерес на евроинтеграциите на земјата, што претставува приоритет на сите граѓани.

„Јас сум среќен што успеавме пред извештајот да донесеме договор да го испочитуваме заради тоа што очите се отворени и на комесарот Хан и на ЕУ кои што ги носат ваквите одлуки“, рече Заев.

Инаку, договорите од Пржино и целата криза во земјава воопшто се решава со силен ангажман на меѓународната заедница. Кризата во земјава започна на почетокот од годината, кога опозицијата почна да ги објавува прислушуваните материјали, а во мај со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл започнаа преговорите за излез од политичката криза.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG