Достапни линкови

Лидерската во Виена неизвесна


Укинување на политичките аболиции и повлекување на одлуката за избори на 5 јуни се условите што ги постави СДСМ за да учествува на разговорите во Виена.

Состанување на Собранието и повлекување на одлуката за одржување на изборите на 5 јуни и повлекување на одлуката на Иванов за помилување се двата услова што ги постави СДСМ за да учествува на средбата во Виена. Претседателот на партијата Зоран Заев изјави дека Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски и ВМРО-ДПМНЕ во координирана акција го погребале Договорот од Пржино и поради тоа СДСМ не може да се врати на преговарачка маса како ништо да не се случило.

Иванов да ги повлече срамните одлуки за помилување по налог на Груевски и спротивни на Уставот и да се свика Собранието за да ја повлече одлуката за одржување на избори на 5 јуни сè до исполнување на условите за одржување демократски, фер и кредибилни избори.
Зоран Заев, претседател на СДСМ

„Иванов да ги повлече срамните одлуки за помилување по налог на Груевски и спротивни на Уставот и да се свика Собранието за да ја повлече одлуката за одржување на избори на 5 јуни сè до исполнување на условите за одржување демократски, фер и кредибилни избори. Ако сакаат Иванов, Груевски и Вељаноски, одлуката може да се смени за два часа. Доколку овие два предуслови не се исполнат, ние нема да одиме на средбата во Виена“, рече Заев.

Оценувајќи дека иницијативата на европратениците и комесарот Јоханес Хан за средба на лидерите е добронамерна, Заев нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже дека Договорот од Пржино ќе го почитува за да стане возможен преговарачкиот процес. Тој оцени дека се урнати принципите на кои почива Договорот од Пржино, односно организирање фер и демократски избори, одговорност за сторениот криминал и преодна влада.

Заев рече дека и еврокомесарот Хан и европратениците Вајгл, Ховит и Кукан се известени за одлуката на СДСМ, а според него, заговорите за нов Букурештки договор во Виена се бесмислена глупавост, која власта ја шири преку нејзините мегафони.

Во врска со протестите што веќе втора недела земат замав, Заев рече дека неговата партија и коалицијата ги делат истите вредности и определби со граѓаните кои протестираат. Оценувајќи дека Македонија е на нозе, тој повика на масовни и мирни протести.

„Продолжуваме да се приклучуваме на протестите кои се организирани од граѓаните. Ние сме на иста линија со сите нивни ставови и аргументацијата за овие протести. Апелираме до граѓаните да продолжат да ги поддржуваат овие протести и треба да растат протестите, но апелирам на ненасилство и мирен протест.

Инаку, новиот обид на ЕУ да посредува доаѓа по последните влошувања на состојбата во државава поради одлуката на Иванов за општа аболиција што иницираше протести кои веќе втора недела земаат замав и распишување на изборите за кои опозицијата кажа дека ќе ги бојкотира. Како и да е, и експертите рекоа дека немаат големи очекувања од состанокот.

„Не може да се очекува нешто спектакуларно во Виена. Ќе се разговара зошто не се исполнети условите, договорени со Пржинскиот договор. И ако нишо друго, можеби ќе се даде некоја друга инструкција да се оди на друг формат на влада која треба да ги подготви и спроведе изборите“, изјави Исмет Рамадани.

Од Европската комисија соопштија дека лидерската средба што треба да се одржи в петок е за спроведување на договорот од Пржино, а не за нов договор за излез од политичката криза.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG