Достапни линкови

Маневрите на ДУИ и 5-ти јуни


Пораката на германската амбасадорка дека до 5 јуни времето е кратко за кредибилни избори, интервјуто со Хајредини за задолжувањето, повлекувањето на министрите на ДУИ, потезите на СЈО, привлекле најмногу коментари.

Има уште многу работа, а времето до 5 јуни е кратко за да се исполнат условите за фер и кредибилни избори, вели германската амбасадорка Алтхаузер во интервјуто за РСЕ на македонски. Незабеган веднаш се јавил со свој коментар дека „и 5 јуни ќе се одложи‟, за на крај од пораката, во својот препознатлив стил, да побара мислење и од Миле од Охрид. Но, Миле овој пат не испратил коментар, туку Ники со својата порака како да му одговара, сметајќи дека „забелешките од земји и од луѓе кои во бит не ги признаваат Република Македонија, македонскиот народ и јазик – не се кредибилни‟.

И интервјуто на Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, за нашево радио предизвикало коментари, претпоставувам поради неговата поента дека Владата се задолжува зашто буџетот е во колапс, со тоа што фановите на Фејсбук страницата на РСЕ биле побрзи: Насер Габриела постирала дека ни во Еритреја ни во Судан не се живее вака: „Во беда живееме од глупостите на ВМРО...нашиве деца ќе патат‟. Мамли Еко Такси Комерц смета дека „сега ќе удрат по граѓаните со рекет-ИЗВРШИТЕЛИ...‟

Маневрата на ДУИ со повлекување на сите министри од Владата на Фејсбук сте ја коментирале речиси идентично, почитувани: Ана Кеј постирала, а горе-долу сите коментари се на нејзина линија: „Толку е јасно дека ова ДУИ го прави во договор со ДПМНЕ, како многу пати досега. Каде беа тоа да го сторат досега, туку сега пред избори, кога завршија тендерите?‟

Инаку, неодамнешниот „поход‟ на СЈО во Централниот регистер за да дојде до документите што не му биле давани, а што наиде на критики кај провладините медиуми наидува на интерес и кај вас, почитувани. За Полат Алемдар од Долината на волците „мора да се изнајде начин да се дојде до бараните податоци, затоа што Специјалното обвинителство на секој чекор се среќава со опструкции... Во овој случај, целта го оправдува средството‟, забележува Алемдар. Незабеган и по оваа информација испратил коментар: „Кои фирми ги истражува СЈО?‟ - гласи насловот на нашата информација, а тој напишал: „Сите фирми на Орце Камчев, Мијалкови, Самсоненко, Кондоминас... хотелот Ибис во Скопје...‟

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG