Достапни линкови

Борбата за правата на жените нè засега сите


Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија.
Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија.

Туку мене прашањето ми е што прославуваме ние денес? Кои права ги славиме? Која еднаквост ја величиме? Во кое име ги креваме чашите во кафеаните? За што ги прифаќаме ружите?, пишува Јована Димушевска од Македонската платформа против сиромаштија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во чест на месец Март и празникот кој штотуку помина, вртоглаво испразнуван, сакав да дадам мали појаснувања за истиот. Се чини дека во нашево општество на прсти се бројат тие што знаат што всушност претставува 8-ми март. Дали е празник на мајките, припадничките на „понежниот“ пол или на сите жени? И зошто се празнува? Па и не е толку важно, еден ден е во годината кога сите наоѓаат причина да искажат некаква си почит и љубов кон некое женско битие во нивните животи. Исто така, причина за частенки, излегувања и собиранки , честопати на сметка на фирмата која, ете, ама во текот на годината па баш и не е расположена за вложување во родовата рамноправност и еднаквост во своите редови.

Овој ден е создаден за да се отвори дискусија околу правата и положбата на жената во општеството. Да се изнајдат решенија на проблемите. Да се проба нова стратегија за вклучување на сите жени во општествениот живот. Да се зајакнат жените кои живеат во сиромаштија. Да се едуцираат младите.

Како прво, сакам да појаснам дека 8-ми март е Меѓународен ден за потсетување на борбата за социјална, економска и политичка еднаквост на жените. Нагласувам, БОРБАТА ЗА ЕДНАКВОСТ ВО ОПШТЕСТВОТО! Низ историјата се провлекуваат илјадници настани со кои е јасно и видливо загрозена положбата на жената во општеството. Нееднаквоста меѓу половите. Лошите услови за работа и ниските плати. Непочитта. Оттаму и потребата за здружување на жените во борбата.

Меѓутоа, борбата за правата на жените не ги засега само жените. Ги засега и мажите. Нè засега сите!

Во 1977 година, осми март е прогласен за ден на прославување на правата на жената. Во ред. Прогласиле што прогласиле, еве ни го и денес уште со црвено заокружен. Туку мене прашањето ми е што прославуваме ние денес? Кои права ги славиме? Која еднаквост ја величиме? Во кое име ги креваме чашите во кафеаните? За што ги прифаќаме ружите? И на крајот на краиштата, зошто во училиште не учат дека тоа е празник на мајките, па не тераат да цртаме и пишуваме честитки до нив? Си велам, тоа не е погрешно.... тоа е грев !

Според мене, еден училишен час да би бил посветен на учење на вистински причини за постоењето и прославувањето на овој ден, веќе би биле чекор напред. Но, нас ни одговара да почекаме 20-тина години ученичињата да потпораснат, да се најдат во тесно, да им светне сијаличката, па да потпрочитаат нешто и да размислат за истото. Губиме драгоцени години и генерации. Ама ете, на кој да му текне.

Според мене, овој ден е создаден за да се отвори дискусија околу правата и положбата на жената во општеството. Да видиме до каде сме. Што треба да се направи. Да се зборува гласно и јасно. Да се зборува јавно. Да се изнајдат решенија на проблемите. Да се проба нова стратегија за вклучување на сите жени во општествениот живот. Да се зајакнат жените кои живеат во сиромаштија. Да се едуцираат младите. Повторувам, младите ! треба да ги едуцираме онака како што сакаме да ни изгледа иднината.

Запрашајте се каде би биле денеска и што би биле доколку не ги уживавте и тие малку права што ги имате? Можеби на 17-18 години веќе ќе бевте мажени? Или немаше да знаете да читате и да пишувате? Ќе зависевте од одлуките и расположението на вашиот сопруг. Ќе бевте машина за раѓање без никаква друга вредност. Дали ќе смеевте да излезете на пијачка со вашиот/та другар/ка? Ништо немаше да смеете , знаете или имате? Ќе бидевте кукла со срце кое едвај чека да престане да чука. Ќе сакавте да излезете од сопствената кожа.

Факт е дека 19 века жените живееле таков живот. Се додека еден ден во далечната 1857 година не започнала револуцијата....

XS
SM
MD
LG