Иселувањето или пак вработување во администрација, но не и странските инвестиции според некои економски аналитичари се причината која стои зад рекордното намалување на невработеноста на 24,6 отсто. Според тоа што вчера го објави Државниот завод за статистика, последниот квартал од 2015 година невработеноста се намалила за 0,9 отсто во споредба со претходниот период, а во текот на минатата година вработени се 35.000 лица.
Намалувањето на невработеноста се должи на физичкото бегство на граѓаните од Република Македонија. Значи сите кои што сакаат нешто сами да направат во животот избегаа од државата, а се водеа како невработени во евиденцијата и сега тие се избришани и да сега тие се вработени, ама во западните земји.Зоран Витанов, економски аналитичар.
Верувам дека бројката на невработени е намалена, но не за толку колку што се објавува, смета економскиот аналитичар, Зоран Витанов.
„Намалувањето на невработеноста се должи на физичкото бегство на граѓаните од Република Македонија. Значи сите кои што сакаат нешто сами да направат во животот избегаа од државата, а се водеа како невработени во евиденцијата и сега тие се избришани и да сега тие се вработени, ама во западните земји. Сите ние знаеме дека не оди економијата, ама половина од нацијата се залажува додека се нивните на власт кога другите ќе дојдат на власт, па тие ќе се залажуваат дека оди и ние сме во таков волшебен круг 25 години“, вели Витанов.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пак намалувањето на невработеноста се должела најмногу на странските инвестиции, мерките на Агенцијата за вработување и оние за помош за домашните фирми. Витанов сепак смета дека бројот на вработени во странските инвестиции не е тој што ја ја намалува невработеноста.
„Колку и да се големи, колку и да се фрапантни бројките на странски инвестиции, никогаш не се повеќе од сто. Погледнете колку ние отпуштивме од неприватизираните капацитети како што е на пример Охис – колку луѓе од Охис останаа без работа исто толку луѓе се вработени во странските директни инвестиции. Значи таа бројка никакво влијание врз намалување на невработеноста.“
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини пак изразува сомнеж во вистинитоста на податоците на Државниот завод за статистика повикувајќи се на европските извештаи во кои се истакнувало дека во Македонија има ерозија на довербата на граѓаните во институциите. Но сепак и во ваквите извештаи на заводот тој вели дека недостигаат информации како структурата на вработувањата, односно каде се тие вработени за да можело да се направи анализа.
„Ако се вработени во државна администрација како што сме сведоци овие години тоа е многу штетно за Македонија – прво затоа што не е потребно како мала држава да го зголемува бројот на вработени во администрација а второ за нивната плата се земаат пари од другите граѓани на Македонија, ниту од владата, ниту од странските инвеститори“, вели Хајредини.
Инаку според податоците на статистика активното население во Македонија има околу 950.000 од кои вработени се речиси 716. 000, а работа немаат околу 234.000.