Достапни линкови

Тодороски со сатиричната турбуленција „Писма од земјата“


„Писма од земјата“ е насловен моноспектаклот на Никола Тодороски што од 8 март годинава ќе го започне својот засебен живот на сцената на Народниот театар од Охрид. Станува збор, како што вели авторот, за сатирична турбуленција работена по текстот на Марк Твен во која тој, преку ликот на Лудиот Филозоф – Будалата, се обидува да посочи на сите горчливи нешта во општеството.

Работен според раскази на еден од врвните светски сатиричари Марк Твен, „Писма од земјата“ е моноспектакл, или сатирична турбуленција, што на сцената на Народен театар од Охрид, како главен и единствен лик, режисер, сценарист и автор на сонговите, ја исправа актерот Никола Тодороски. Тој го толкува Лудиот Филозоф или Будалата. Лик кој постои откако постои светот и е тука за да не соочи со најгорчливите сегменти на човечкото постоење. Со корупцијата, административниот поглед на религијата, смртта, алчноста за пари, со нашата цивилизација воопшто.

Говорејќи за проектот авторот забележува дека „ние како пасивни гледачи или едноставно сеирџии сме принудени од него да вкусиме од горката чаша и така згрозени да плукнеме на сето она што ни го грчи желудникот и не тера само да се муртиме, за потем со насмевка да му се предадеме на слаткиот вкус овојпат збогатени со сознанието дека може да биде и полошо“.

Појаснува дека не станува збор за монодрама. Дека во претставата нема присутност на вистинска драма, односно дека „овој жанр е премногу мек за да се искаже она што тој го обработува во неа“.

„Не само кај нас во државава туку и на светско ниво се случуваат општествено-политички турбуленции кои што сакале или не влијаат директно врз нашите животи. Меѓутоа текстот, материјалот кој што го обработувам е многу поголем од секојдневието. Значи, не станува збор за дневно политички содржини коишто веројатно на прв поглед им паѓаат во очи на луѓето.“

Тодороски вели дека Твен текстот го напишал на крајот на 19 век, пред да се случат најбурните настани во историјата на човештвото за кои знаеме – Првата и Втората светска војна. Дека ги обработува сите универзални аномалии на секое општество, од создавањето на светот па се до денес и се труди да ги коментира за на некој начин луѓето да се освестат и да се потрудат да ги одбегнуваат во иднина.

„Она што е основно на текстот по кој посегам е што ликот на Лудиот филозоф или Будалата е тој кој што ги отвора тие прашања. Тоа е и основната функција на театарот како културен феномен – да покрене некои прашања кои не сме доволно храбри или не се чувствуваме доволно сигурни за да ги поставиме, а од друга страна се многу важни за се она што нам ни се случува во животот. “

Она што е интересно е и тоа што по охридската, „Писма од земјата“, на 15 мај годинава, премиерно ќе биде прикажана и во познатиот софиски театар „Солзи и смеа“

Инаку, роден 1983 година во Охрид, Никола Тодороски дипломирал актерска игра на театарскиот колеџ „Љубен Гроис“ во Софија.

По 2005 година се враќа во родниот град и станува еден од иницијаторите за создавање професионален театар. Во изминативе пет години освен тоа што е вработен како актер, Тодороски во Народен театар – Охрид, тој израснува во еден од од најдобрите македонски стендап комичари. Досега со свои перформанси се претставувал во познатиот лондонски стендап клуб „The Comedy Store“, каде патем свои вечери имале и познатите светски имиња како Робин Вилијамс, Џери Сајнфилд и други, во Амстердам, згора во поголемите балкански градови, а еднаш месечно е присутен и во првиот бугарски стендап клуб – The Comedy Club Sofia.

Од друга страна, на крајот на февруари годинава, Тодороски, со колегите Стрезо Стаматоски и Филип Кипроски, во Народниот театар во Охрид го потпишаа проектот „Импровокација“, всушност серијал на театарски импровизации како форма на изразување што досега не е виден не само во Македонија туку во поширокиот регион.

Се работи за кабаретска претстава што концептуално е осмислена како интеракција меѓу актерите и публиката, отворена приказна што никогаш не се повторува, односно секое нејзино изведување претставува премиера сама по себе.

„Ние се трудиме да ја испровоцираме публиката да земе активно учество. Значи да го анулираме, да не постои оној четврти ѕид на кој што сме навикнати да ги гледаме останатите претстави. Односно овде не станува збор за претстава за која ние претходно сме правеле проби, сме направиле некаков концепт и сега наша задача како актери би била само да и го прикажеме на публиката а таа пасивно да гледа. Не, тоа не е концептот со „Импровокација“. Напротив. Се обидуваме да креираме една многу динамична претстава што се случува некаде во час и дваесеттина минути и која за нас како професионалци е голем предизвик. Нешто во што искрено многу уживаме.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG