Не сакаме да се вратиме во Турција, одлуката на Европската унија е глупава. Вакви се коментарите на некои од мигрантите во кампот во Идомени во Грција за новиот договор меѓу Европската унија и Турција, чии пошироки принципи предвидуваат илегалните мигранти кои пристигнуваат во Грција да бидат враќани назад во Турција.
Мора да направиме нешто и сите што потрошиле пари да стигнат до овде, нема да се согласат да се вратат во Турција. Ќе се обидеме да останеме овде, можеби ќе протестираме. Некои луѓе зборуваат дека ќе се самозапалат. Не знам што ќе се случува, ќе треба да почекаме.бегалец од Ирак
„Ја мразам Турција и не сакам да се вратам назад. Не знам што ќе правам, ова е глупава одлука“, вели Софијан од Ирак.
Над 13 илјади бегалци се заглавени во кампот во Идомени на македонско - грчката граница. Меѓу нив има многу мајки со деца кои студените и дождливи ноќи ги поминуваат во шатори на отворено. Децата во ќебиња, во канти за ѓубре и во раце носат дрва до своите шатори за да се затоплат и нивните родители да може да подготват храна. Некои од нив си играат во калта од обилните дождови од минатата вечер. Во кампот има и постари лица, а хигиенските услови се многу лоши. Од ѓубрето кое е расфрлано насекаде се шират лоши миризби.
„Ние сме од Ирак и овде сме седум дена. Оваа ситуација е многу лоша, особено за децата и жените и ова се многу лоши времиња и се надеваме дека одлуката што ја донесе Европа нема да се оствари“, вели бегалец од Ирак кој седум дена е во Идомени.
Тој додава дека никој од нив не сака да се врати во Турција, бидејќи при поминувањето на морето можно е да загинат.
„Тие што одлучиле да го поминат морето, не сакаат повторно да се враќаат во Турција. Нема шанси! Тие ќе останат овде во Грција. Мора да направиме нешто и сите што потрошиле пари да стигнат до овде, нема да се согласат да се вратат во Турција. Ќе се обидеме да останеме овде, можеби ќе протестираме. Некои луѓе зборуваат дека ќе се самозапалат. Не знам што ќе се случува, ќе треба да почекаме“, вели тој.
Тешката ситуација и нервозата предизвика и тепачка меѓу помала група мигранти којашто брзо беше спречена од полицијата. Мигрантите не сакаа да кажат кои се причините, но некои завршија со раскрвавени глави.
Хасан од курдскиот дел на Ирак вели дека две недели е заглавен во кампот во Идомени. Тој смета дека планот меѓу ЕУ и Турција нема да биде успешен.
„Мислам дека во ноември имаа ист план со Турција да ја затвори границата и да не пушта луѓето да поминат во Грција. Но тоа не успеа, видете ги овие луѓе овде, тука има 20 илјади луѓе, има пет илјади луѓе во Србија и уште колку има во другите земји. Не мислам дека планот ќе функционира“, вели тој.
Хасан вели дека е многу тешко да се седи во кампот со деца на студено и дека се во многу тешка ситуација.
Утринава во кампот Винојуг и во околината во Македонија има 34 лица. Но, состојбата е загрижувачка на Табановце каде во меѓуграничниот простор има 437 лица кои од вчера се таму и ноќта ја поминаа на дожд и на студ. Во транзитниот центар Табановце и натаму има 1050 лица, далеку повеќе од неговите капацитети.