Достапни линкови

За кумановската опозиција советничките прашања станале фарса


Архивска фотографија: Совет на Општина Куманово.
Архивска фотографија: Совет на Општина Куманово.

Кумановската опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираше седницата на советот за прашања до градоначалникот и администрацијата.

Политичката состојба последователно се проектира и во Куманово, најголемата локална самоуправа во државава, каде што власта е од коалицијата на СДСМ, а опозицијата од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Единствена општина е во Македонија која има институција советнички прашања на секои три месеци. Немам ниту видено, ниту слушнато дека некоја друга општина во Македонија има Деловник според кој се предвидени советнички прашања.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

Додека локалната власт се обидува, според неа, најтранспарентно, преку директен пренос на една локална телевизија да ја прикажува работата на Советот, со што пак, дел од граѓаните ќе се информираат дека сè она што го работи власта е во нивен интерес, опозицијата мисли сосема поинаку, за што наведува сопствени аргументи. Иако, по завршување на секое тримесечје се одржува седница со единствен дневен ред, поставување советнички прашања на кои администрацијата и градоначалникот даваат одговори и на одреден начин примаат задолженија, за опозицијата тоа не се изведува на соодветен начин, поради што ја бојкотираа последната седница.

Според Драган Петковски, координатор на советничката група „За подобра Македонија“, тие забележуваат на злоупотреба на седницата од градоначалникот и претседателот на Советот за маркетинг и пропаганда на градоначалникот, за однапред договорените прашања и одговори и дека тие не сакаат да се дел од, како што рече, таа фарса.

„На оваа седница сакавме да му ги поставиме прашањата на градоначалникот, сакавме да го потсетиме на некои реални проблеми со кои се среќаваат граѓаните на Општината Куманово“, вели тој.

Градоначалникот Зоран Дамјановски, пак, вели дека Општината Куманово се разликува од останатите во државава.

„Единствена општина е во Македонија која има институција советнички прашања на секои три месеци. Немам ниту видено, ниту слушнато дека некоја друга општина во Македонија има Деловник според кој се предвидени советнички прашања за овој период. Секогаш сме биле тука за транспарентно работење и информирање на граѓаните. Нашата задача е граѓаните да ја знаат вистината“, вели тој.

Максим Димитриевски претседател на Советот рече дека ова не е првпат опозицијата да напушти седница, а седниците се одржуваат кога има кворум за работа, како што беше и на оваа, со оглед на мнозинството советници од коалиционите парципиенти во локалната власт.

„Убедувањето на советниците за присуство на седниците е нивно лично убедување и личен чин и секако налог и извршување на политиките на политичките партии кои што ги претставуваме во Советот“, вели тој.

Прашањата од опозицијата до локалната администрација и до градоначалникот, пак, според Петковски, кои се доставени писмено, се однесуваат главно на комуналната инфраструктура во градот и во населбите. Меѓу нив се за изградба на канализација во населбата Карпош (месноста Ливади), за доизградба на канализациона мрежа во селото Горно Којнаре и нејзиниот опсег, за тоа кои станбени објекти се предвидени за обнова на фасадите од буџетот на Општината, дали е можно поредовно известување на граѓаните кога и за колку време ќе се вршат реконструкции на водоводната мрежа.

„Кога конечно во Куманово ќе бидат повторно обележани пешачките премини, дали комуналната инспекција ќе преземе нешто за узурпација на јавните површини од некои граѓани и правни лица за паркинг места пред своите објекти, дали со реконструкција на тротоарот во центарот на градот (спроти ОУ Браќа Миладиновци) е предвидена и реконструкција на дотраените подземни инсталации за вода, канал и електрична енергија или како по стар обичај ќе направиме нов тротоар, а по неколку денови ќе го раскопаме за санации и отстранување дефекти“, рече тој.

Меѓу другото, Петковски од името на советничката група до градоначалникот упати и критика за нереализирани, а во кампањата ветени проекти, кои пак според градоначалникот изостанале или задоцниле поради објективните околности предизвикани од односот на централната кон локалната власт.

Власта и опозицијата вообичаено едни кон други си упатуваат критики и забелешки, се со цел едните да ја задржат власта и во иднина,а другите да ја освојат. И едните и другите како што нагласуваат, работат за и во интересите на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG