Достапни линкови

Медиумите во служба на приватниот, а не на јавниот интерес


Медиумите во Македонија не се во служба на јавниот интерес, туку сè повеќе стануваат заложници на владејачките политички елити и на бизнисот.

Не постои една единствена и јасна формула со којашто може да се утврди што е јавниот интерес во медиумите кој се темели на нивната обврска да обезбедат целосни, веродостојни и сеопфатни информации, а притоа да бидат форум на размена на ставови и изнесување на критики, како и да дадат репрезентативна слика на сите групи во општеството и да ги претставуваат и објаснат целите на едно општество.

Не постои никаков пазар и едноставно се случува едно голо преживување на новинарството коешто веќе не се сфаќа како професија, туку како алатка за остварување на некои други интереси и затоа доаѓа до тоа јас му служам на газдата.
Горан Михајловски, новинар

Ова го истакна професорката Весна Шопар, една од авторите на документот за јавна политика, насловен Медиумите во Македонија: Заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси, на дебатата во организација на Институтот за комуникациски студии.

Според неа, јавниот интерес може да се опише и како настојување да се обезбеди ефикасна граѓанска партиципација во општествените процеси што претставува циркулација на различни гледишта.

„Меѓутоа, она што загрижува се тенденциите за трансформација на јавниот интерес коишто се започнати со дерегулација во сферата на радиодифузијата односно медиумската политика се насочува кон максимирање на услугите што јавноста ги сака и што во основа значи популистички концепт на јавниот интерес“, рече таа.

Другиот автор на документот, Петрит Сарачини, рече дека медиумите во Македонија не се воопшто во служба, ниту пак се артикулатори на јавниот интерес.

„Напротив тие сè повеќе стануваат заложници, да не речам се окупирани од парцијалните интереси и тоа пред сè на владејачките политички елити и на бизнисот“, рече Сарачини.

Според новинарот, Горан Михајловски сè почесто неговите колеги кои се поставени на уреднички позиции велат дека тие му служат на сопственикот на медиумот.

„Тоа е токму тоа што се случува во македонските медиуми. Тоа е фактички труење на јавноста затоа што сè повеќе, и тоа одговорно го тврдам, пазарот е тотално изгубен во медиумскиот бизнис. Значи не постои никаков пазар и едноставно се случува едно голо преживување на новинарството коешто веќе не се сфаќа како професија, туку како алатка за остварување на некои други интереси и затоа доаѓа до тоа јас му служам на газдата“, рече Михајловски.

Новинарот Зоран Ќука низ неколку примери покажа кои се разликите на улогата на медиумите во штитењето на јавниот интерес во Македонија и во Чешката Република. Според него, таму јавниот сервис е пример за професионално новинарство, а за приватните медиуми се даваат препораки за да се проверуваат нивните информации поради нивната позадина.

„Како и да е, главна и клучна точка е дека работата на медиумите е да ја заинтересираат јавноста за јавниот интерес. Тоа е едната работа, а втората клучна цел на приватните медиуми и на јавниот сервис е да се изгради здраво демократско општество“, рече Ќука.

Дебатата на Институтот за комуникациски студии е дел од проектот за зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија и е поддржан од британската амбасада во Скопје.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG