Достапни линкови

Список на желби за медиумите


Од МАН предложиле саморегулирање со ригиден механизам, кодекс за однесување во изборен период и ограничување на странски пари за финансирање медиуми. ММА бара департизација на Агенцијата за медиуми, целосно регулирање на авторските права и пропорционални казни. ЗНМ инсистира на забрана на владини кампањи и оттргнување на јавниот сервис од партиските притисоци.

Воопшто или делумно неприфатливи или целосно прифатливи се предлозите на посредникот Питер Ванхауте за новинарските и медиумските организации кои вчера беа на средба со премиерот Емил Димитриев.

Ако логиката е дека државата има некаква политичка цел кога дава пари за медиуми, знаете што и другите држави може да имаат некаква политичка цел. Предлогот кој што сега се става на маса е Република Македонија да го ограничи своето финансирање на медиумите, а на пример теоретски Република Грција би можела слободно да финансира во медиумите што е нон-сенс.
Цветин Чилиманов, МАН.

Од МАН, од каде што целосно го отфрлаат предлогот на посредникот, поистоветувајќи го со оној на СДСМ, велат дека предложиле саморегулирање со ригиден механизам, кодекс за однесување во изборен период и неколку други работи меѓу кои и забрана за формирање на медиуми од странски пари или, пак, нивно ограничување до 20 отсто од минатогодишниот буџет. Цветин Чилиманов од МАН вели дека ваквиот став бил всушност одговорот на тезата на други субјекти оти требало да се ограничи финансирањето од државните пари.

Насер Селмани, ЗНМ.
Насер Селмани, ЗНМ.

„Ако логиката е дека државата има некаква политичка цел кога дава пари за медиуми, знаете што, и другите држави може да имаат некаква политичка цел. Предлогот којшто сега се става на маса е Република Македонија да го ограничи своето финансирање на медиумите, а на пример теоретски Република Грција би можела слободно да финансира во медиумите што е нон-сенс. Нашиот предлог е, кога веќе сме соочени со вакво барање и тоа очигледно е на маса во преговорите за медиумите, тоа да важи за сите јавни пари, а не само за тие што доаѓаат од една страна“, вели Чилиманов.

Македонската медиумска асоцијација која ги претставува петте национални телевизии, пак, смета дека нема потреба од менување на постоечкиот закон од медиумската сфера, а нивните три клучни барања се департизација на Агенцијата за медиуми, целосно регулирање на авторските права и пропорционални казни. Директорот на телевизија Телма, Атанас Кировски, кој беше на средбата со премиерот, вели дека предлогот на посредникот Питер Ванхауте не е целосно неприфатлив за нив. Најголемата забелешка која ја споменува е за начинот на финансирање на МРТВ, односно еден отсто од државниот буџет и за изборот на членовите на Агенцијата за медиуми со 2/3 мнозинство во Собранието.

„Значи предлозите на Ванхауте се добри, генерално издржани, меѓутоа ми се чини дека со зафаќањето околу македонската телевизија се претерува и тоа многу се претерува и не сум сигурен дека е вистински начин за деполитизација на советот ако тоа оди преку Собранието, каде што сепак се политички претставници“, вели Кировски.

За Здружението на новинари на Македонија предлогот на Ванхауте нема алтернатива, а особено инсистираат на забрана на владини кампањи и оттргнување на јавниот сервис од партиските притисоци. Посредникот всушност предлага владините кампањи да се емитуваат бесплатно и на комерцијалните телевизии, но само ако се утврди дека се од јавен интерес.

„И покрај тоа што власта, владејачката партија опонира силно на предлозите на Ванхауте мислам дека ако меѓународниот фактор инсистира на тие решенија власта и партиите кои што ги оспоруваат тие позиции ќе мораат да ги прифатат. Јас навистина не гледам друго решение“, вели претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Од кога посериозно се започна со разговорите за медиумите прво опозициската партија излезе со предлог со кој како што се јавуваше се предлагале повисоки казни за медиумите а директорот на Агенцијата за медиуми да има големи ингеренции. Потоа во декември Ванхауте ги изнесе и своите мислења најавени како предлози на меѓународната заедница, а минатиот месец и ВМРО-ДПМНЕ достави мислења со кои меѓудругото се предлагаше двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата, да раководат со информативната програма на МРТВ во последните сто дена пред изборите, да се донесе Закон за владино рекламирање.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG