Достапни линкови

МРТВ по нов правилник за изборите


Новинарите од МРТВ добија прирачник за етичките и професионални принципи за медиумско покривање на изборните процеси, а од следната недела претставници на Би би си ќе ги обучуваат како да известуваат балансирано за изборите.

Ако изборите се спроведат со избалансирано, независно и непристрасно медиумско известување ќе се добие чекор напред кон излезот од хроничната политичка криза во државата, изјави британскиот амбасадор Чарлс Герет, на промоцијата на етичкиот прирачник за медиумски известување за избори. Тој додаде дека за да се направи тоа добро, неопходно е и медиумскиот сектор соодветно да ја исполни својата задача, затоа што тој е клучен играч.

Ние на пример во Би би си како и во јавните служби во Велика Британија се обидуваме да ги назначиме луѓето според вештините и според нивната стручност и бараме од нив дома да си ги остават своите политички ставови, меѓутоа како што реков, останува на самите работни групи тие да го дискутираат тоа, конкретно да ги изнајдат најдобрите решенија.
Чарлс Герет, британски амбасадор.

„Многу е важно јавниот сервис да биде на ниво на својата одговорност. Јавната дискусија во Обединетото Кралство во однос на балансираност и непристрасност на нашиот јавен сервис е многу гласна и жива, и тоа не е само заради важноста на принципите за кои што зборуваме, туку исто така Би би си како и МРТВ е платена од граѓаните, поради тоа има обврска да им служи на сите граѓани, а не само на некои од нив и да им овозможи висококвалитетно, урамнотежено и непристрасно покривање за време на изборите“, рече Герет.

Директорот на МРТВ Мајран Цветковски не сакаше да го коментира последниот предлог на власта во МРТВ да има по еден уредник од власта и опозицијата.

„Не коментирам никакви партиски ставови, не сум го направил тоа во изминативе три ипол години, нема да го направам ни денеска, сепак тоа е одлука на политичките партии да искреираат решенија кои ќе бидат имплементирани во МРТВ. Друго е прашањето дали се тие се согласно европските стандарди или не се во согласност со европските стандарди“, рече Цветковски.

Амбасадорот Гарет вели дека во однос на предлогот останува на работните групи да го разрешат и да утврдат кое е најсоодветно решение.

„Ние на пример во Би би си како и во јавните служби во Велика Британија се обидуваме да ги назначиме луѓето според вештините и според нивната стручност и бараме од нив дома да си ги остават своите политички ставови, меѓутоа како што реков, останува на самите работни групи, тие да го дискутираат тоа конкретно да ги изнајдат најдобрите решенија за кои тие сметат дека се најсоодветни за Македонија“, рече Герет.

Во однос на прирачникот, Цветковски изјави дека овој документ не ги решава проблемите на МРТ, но е добар почеток, а јавниот сервис и натаму ќе се труди да биде непристрасен.

Претставникот на работната група која го изработи прирачникот Марина Тунева вели дека докуметот се потпира на практики од светот, особено од Би би си, Член 19, ОБСЕ и УНЕСКО.

„Јавниот сервис мора да информира критички и непристрасно. Мора да негува и развива комуникација со публиката, бидејќи тоа е најбитно“, рече Тунева.

Етичките и професионални принципи за медиумско покривање на изборните процеси кои се наведени во новиот прирачник што го добија вработените на МРТВ ќе се спроведуваат уште од денеска најави директорот на јавниот сервис Марјан Цветковски, без да објасни зошто досега не биле спроведувани истите. На денешната промоција на прирачникот кој е изработен како дел од проектот „Непристасност и независност на медиуми како предуслов за слободен и фер изборен процес“ поддржан од британската амбасада и Македонскиот институт за медиуми, беше најавено дека од следната недела новинарите на МРТ ќе бидат обучувани од претставници на британскиот сервис Би би си за како да известуваат балансирано за изборите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG