Достапни линкови

Медиумите не ги спасува договор, туку волја


Партиите засега остануваат на истите ставови за медиумите. Експертите пак велат дека и да се договори нешто сега времето е прекратко за да има ефект за изборите.

Посредникот Питер Ванхауте најверојатно за утре ќе свика средба на работната група за да се разговара за медиумите. Со ова им се остава можност на партиите денеска да го разгледаат предлог-законот подготвен од СДСМ врз основа на предлозите на Ванхауте од декември, брифираат извори од преговорите.

Моето мислење е дека уште лани летото, кога почнаа преговорите требаше прво медиумското прашање да се реши за да може да се ослободи јавната сфера.
Снежана Трпевска, професорка од Високата школа за новинарство.

Од партиите засега остануваат на истите ставови за медиумите. Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека за нив е прифатливо закон од која било земја членка на Европската унија целосно да се преземе во Македонија, а со декемвриските предлози на Ванхауте сметаат дека Македонија ќе станела хибрид и експеримент.

Во меѓувреме се надминаа неколку рокови, па иако прашањето за медиумите требаше да се затвори уште во ноември сега се доби нов рок, откако амбасадорите на САД и на Европската унија најавија дека до 20 февруари ќе соопштат дали има услови за фер избори, за кои отворени прашања останаа прочистувањето на избирачкиот список и медиумите.

Според професорката од Високата школа за новинарство Снежана Трпевска и да се договори нешто сега времето е прекратко за да има ефект за изборите.

„Моето мислење е дека уште лани летото, кога почнаа преговорите требаше прво медиумското прашање да се реши за да може да се ослободи јавната сфера. Причината е поради тоа што не може јавното мислење да се демократизира, да се ослободи бидејќи е контаминирано со партиско известување тоа е прекраток период за воопшто да може гласачите да си донесат слободна одлука, за да бидат информирани што сработела власта, што нуди опозицијата и таа да биде нивна слободна одлука“, вели Трпевска.

Инаку во декемврискиот предлог на Ванхауте врз чија основа сега се подготвува предлогот се наведува членовите на Советот на Агенцијата да се пријавуваат на јавен конкурс , за нив да се гласа во парламентот со двотретинско мнозинство а по сличен принцип да се бираат и членовите на Советот на МРТВ. Тој сугерираше и зголемување на буџетот на јавниот сервис, односно тој да изнесува еден отсто од државниот, а во однос на комерцијалните медиуми да емитуваат бесплатно владини кампањи, но само ако се утврди дека се од јавен интерес. За нив исто така се предвидува намалување на ДДВ од 18 на пет отсто. Ова не беше прифатливо покрај за владејачката партија и за Македонската асоцијација на новинари.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак минатиот месец предложија двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата, да раководат со информативната програма на МРТВ во последните сто дена пред изборите, да се донесе Закон за владино рекламирање, медиумски простор партиите да добијат според резултатите од претходните избори, но тоа да биде само за вестите, а не за целокупната информативна програма. За ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари ова е неприфатливо.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG