Се работи на двете прашања останати од пржинскиот договор - избирачкиот список и медиумите, според информации на првото поконкретно, а на второто со сопки и застанувања.
Знаат тие дека оној што ја има контролата врз медиумите најмногу влијае врз избирачкото тело и битката се води околу телевизиите, околу радиодифузерите, затоа што нашиот народ и ден денес најмногу гледа телевизија.Мирче Адамчевски, новинар и претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика.
Од Државната изборна комисија велат дека сега се во фаза на прибирање на податоците од десет институции по што ќе следува нивно вкрстување, па потоа ќе се знае колку и каде ќе се врши теренската проверка. Затоа, велат од Комисијата, сега е тешко да се процени колку ќе биде потребно за да се заврши со целиот процес на прочистување на списокот, а тоа ќе се знае по завршувањето на вкрстувањето на податоците. по што ќе се утврди и обемот на теренската проверка.
За медиумите, пак, викендов немало средби, брифираат извори вклучени во преговорите на работната група, а денеска е можно повторно да има билатерални, но заедничка не се планира. Прашањето запна минатата недела откако СДСМ излезе со свој предлог кој беше најавен дека е врз основа на предлозите на посредникот Питер Ванхауте изнесени во декември. Сепак во него има неколку разлики од она што го предлагаше посредникот: членовите на советот тој предложи да се пријавуваат на јавен конкурс, а опозицијата предлага фиксни места меѓу другите и за ЗНМ, МАН и ССНМ, а дополнително во опозицискиот предлог се внесени и два члена кои претходно не беа сугерирани, а се однесуваат на регулирање на етички правила, што беше протолкувано и како обид за цензура. Тоа предизвика реакција од ВМРО-ДПМНЕ, но и од ЗНМ и Синдикатот на новинари. Но ова прашање иако за него најбурно се реагираше не е клучно за партиите, смета долгогодишниот новинар и претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика, Мирче Адамчевски. Според него најважно и за власта и за опозицијата е составот на Агенцијата за медиуми.
„Владејачката партија нема да дозволи никако Агенцијата за аудиовизуелни медиуми да работи независно, од тоа нема да се откаже, можеби од некои други работи ќе се откажат, меѓутоа мораат тие да ја држат Aгенцијата затоа што Aгенцијата е таа што го спроведува законот и преку Aгенцијата се влијае врз телевизиите. И опозицијата нема да се откаже од својата намера за контрола врз Aгенцијата односно да се донесат некои законски решенија кои нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ги контролира радиодифузерите“, вели Адамчевски.
Генерално и во текот на разговорите за медиумите речиси никој не ги споменува печатените и другиот тип медиумите што според Адамчевски покажува дека за партиите најважни се телевизиите.
„Знаат тие дека оној што ја има контролата врз медиумите најмногу влијае врз избирачкото тело и битката се води околу телевизиите, околу радиодифузерите, затоа што нашиот народ и ден денес најмногу гледа телевизија“, вели Адамчевски.
Последните јавни прогнози за тоа кога може да се очекува решение се на посредникот Ванхауте кој најави таква можност за оваа недела. Дел аналитичари пак се скептични и сметаат дека партиите ќе тактизираат до идната седмица за кога е најавена оценката на амбасадорите на САД и ЕУ за тоа дали има услови за избори на 24 април.