Достапни линкови

Избори на 24-ти април и без СДСМ


Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека била донесена одлука изборите да се одржат на 24-ти април. Од СДСМ со став дека нема да учествуваат на изборите.

Партиите членки на Коалицијата „За подобра Македонија“ денеска ја прифатиле одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, предвремените парламентарни избори да се одржат на 24 април годинава. Како што изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по средбата, Македонија мора да оди напред, граѓаните предолго биле заложници на деструктивната политика на опозицијата.

Нашата држава тргна одлучно да се стави крај на политичката криза и да напредуваме храбро кон иднината. Ова започнува со изборите на 24 април.
Никола Груевски, премиер.

„Нашата држава тргна одлучно да се стави крај на политичката криза и да напредуваме храбро кон иднината. Ова започнува со изборите на 24 април“, истакна Груевски.

„Многу години од денес, ќе кажеме дека ова беше денот кога заврши кризата, кога народот го даде гласот за просперитетот на државата“, истакна Груевски, додавајќи дека предвремените избори се најдобриот излез од кризата.

Според него, ДИК и МВР, со кои моментно раководи СДСМ, имаат капацитет да гарантираат фер и демократски избори.

Реакција на СДСМ – Груевски се плаши од фер избори

Одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потврдува дека Никола Груевски се плаши и бега од слободни, фер и демократски избори, се вели во писмената реакција од СДСМ.

„Груевски не сака прочистен избирачки список за да може да манипулира со фиктивни гласачи. Никола Груевски не сака слободни медиуми затоа што му треба медумскиот мрак што го создаде за да го крие криминалот на фамилијата во изминатите 10 години. Граѓаните на Македонија освен фамилијата на Никола Груевски немаат корист од одржување на избори без претходно навремено прочистување на Избирачкиот список и без навремена регулација за слободни медиуми. Непрочистениот Избирачки список и медиумскиот мрак фамилијата би сакала да го користи за спас на сопствената кожа. Затоа Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не ги исполнија клучните обврски од Договорот од Пржино. За СДСМ не се прифатливи избори без слободни медиуми и без прочистен Избирачки спосок и на такви избори нема да учествува“, се вели во соопштението.

СДСМ ќе продолжи да се бори за создавање на фер и демократски услови за одржување на изборите со сите демократски средства што ни стојат на располагање, се вели во соопштението од СДСМ.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за во 17 часот закажа седница на Собранието на која би била констатирана оставката на премиерот Груевски, со што би се отворил патот за закажување на предвремените парламентарни избори на 24-ти април, и покрај противењето на СДСМ на ваквиот развој.

XS
SM
MD
LG