Достапни линкови

„Кумановските графичари 2015“ на пат по Македонија


Нецели три месеци по постановката во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“, од 15 до 25 јануари, во Изложбениот салон нa Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, ќе се одржи биеналната изложба на графика „Кумановски графичари 2015“, која всушност претставува визуелен запис кој го следи текот на актуелната графичка продукција на овие наши простори. Проектот, во периодот што следува, е планирано да го видат и љубителите на уметноста во уште неколку градови во земјава.

Зоран Јакимовски, Ханифе Ислами, Милена Арсовска, Стефан Јакимовски, Валентина Илијевска, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Мила Трендафиловска и Елеонора Накевска се деветте академски графичари чии дела ја чинат биеналната изложба „Кумановски графичари 2015“, што од 15 до 25 јануари, се одржува во Изложбениот салон нa Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Збирката делува компактно и покрај навидум стилското шаренило, нудејќи му истовремено на гледачот сличности и разлики, афирмации и негации, влијанија и обиди за автентичност.
Роберт Цветковски, историчар на уметност и куратор.

Основната идеја на проектот, којшто ги архивира графичките листови и ја испишува историјата на графичката уметност на овие простори, е всушност, без некои претензии за ексклузивност и мегаломанија, да понуди реален приказ на графичкото творештво за коешто, како што забележуваат организаторите, „можеме со сигурност да кажеме дека во себе носи континуитет, спој на искуство и младост, техничка перфекција и иновација во обид“.

„Она што можеби го карактеризира овој вид на организирање на изложби е тоа што се обидуваме да го промовираме графичкиот јазик на овие уметници кој слободно можам да кажам дека е познат на љубителите на графиката. Се работи за идеи, за концепции кои се развивани преку индивидуални повеќегодишни истражувачки искуствени акции и резултат на тоа се графичките реализации кои можеме да кажеме дека го имаат поминато тестот на јавноста и на стручната критика“, истакнува историчарот на уметност и куратор на проектот Роберт Цветковски.

Тој дополнува дека кумановските графичари секогаш се трудат да бидат иновативни, да понудат специфични решенија и дека можеме да забележиме дека во таа насока се присутни силни авторски печати и индивидуални пристапи „кои можат да се детектираат во самите графички листови и дека тие остануваат во рамките на академските нормативи и каноните кои ги подразбира современата македонска графика“.

„Целата колекција има 26 графички листови, работени во повеќе графички техники, и секако секој автор зборувајќи од свој аспект, нудејќи свои решенија се обидува да допре до самата публика. Збирката делува компактно и покрај навидум стилското шаренило, нудејќи му истовремено на гледачот сличности и разлики, афирмации и негации, влијанија и обиди за автентичност. Обидите да се влезе во специфичниот ум на современиот човек и да се понудат алтернативни решенија во филозофска смисла на секојдневните животни состојби и барем малку да се одгатне нашата реалност со симплифицираниот графички вокабулар составен од линии, знаци, објекти, празнини и ентитети, некогаш лесно читливи некогаш дадени во шифрирана форма, ќе бараат ангажман и од опсерваторот којшто ќе мора во свој посед да има чувство за дводимензионална ликовна естетика.“

Цветковски притоа нагласува дека токму тука тие го гледаат и предизвикот и оправдувањето за сопствените напори и дека нивната крајна цел е и во оваа пригода да се обидат простум да го исправат линкот: уметност - публика.

„Се обидуваме, со сите оние средства што ни стојат на располагање, да се поврземе со самата публика, што повеќе да откриеме во однос на она што сакаме да го презентираме, да откриеме и дел од биографиите на самите автори...надевајќи се дека на тој начин еве ќе предизвикаме поширок интерес за самата графичка уметност. Како што е познато графичките изложби не се многу чести во пошироката јавност, така да навистина е редок пример кадешто можат да виреат вакви групни графички изложби и мислам дека самата публика треба да ја искористи оваа можност да се запознае со творештвото на Кумановските графичари“,констатира кураторот.

По Куманово и Кавадарци, во план е изложбата „Кумановски графичари 2015“ да ја видат љубителите на уметноста во уште неколку градови од земјава меѓу кои и оние од Скопје, а следната, осма по ред, биенална постановка, според досегашната динамика, е најавена за есента 2017 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG