Тие велат дека од донесувањето на законот во неколку наврати испраќале забелешки и предлози за измени, но не добиле позитивен одговор. Велат дека законот има рестриктивен и репресивен карактер, дека има дискриминирачки и демотивирачки елементи, како и многу недоречености за кои треба да се произнесе Уставниот суд. Според нив, со законот се укинува степенот на кариера и се овозможува вработување на неквалитетни кадри. Синдикатот е незадоволен од краткото време и нетранспарентната постапка на донесување.
Генералниот секретар на УПОЗ Трпе Дејановски вели дека на штрајк излегле меѓу 80 и 100 отсто од вработените во Основниот суд Скопје 2, Апелациониот, Врховниот и од судовите во источна Македонија.
Инаку, сега доаѓа список од власта, ќе ги примите тие и тие и готово, а воопшто не знаат што значи еден предмет, немаат претстава.Екрем Шабан, вработен во судска служба.
„Нашите барања остануваат исти. Мора да се изменат рестриктивните и демотивирачки одредби во Законот за судска служба. Сè додека тоа не се случи, ќе преземаме и вакви и други мерки што ни ги дава законот за да можеме да ги оствариме нашите права“, вели Дејановски.
Вработените во Основниот суд Скопје 2 се жалат на ниски плати и лоши услови за работа. Екрем Шабан се жали на партизацијата во судовите.
„Барањата на службениците се судската служба да се регулира посебно, не е тоа обична администрација. Овде не може партиски да се вработуваат. Во службата се потребни судски службеници кои навистина ќе бидат спремни за тоа работно место. Инаку, сега доаѓа список од власта, ќе ги примите тие и тие и готово, а воопшто не знаат што значи еден предмет, немаат претстава“, вели тој.
Слични забелешки има и неговиот колега Џеладини Нешат.
„Да, има партизираност во судството. Тоа за жал е најголемата болка што постои, меѓутоа се надеваме дека ќе се искоренат тие работи и ќе дојдат подобри времиња и за судството и за административните работници и за нашето општество“, вели тој.
Штрајкувачите бараат надлежните веднаш да почнат да работат на измени на законот за судска служба, земајќи ги предвид нивните забелешки.
Основен суд Скопје 2 - Во судот не постои партизираност
Во Основниот суд Скопје 2 реагираат дека предупредувачкиот штрајк се однесува исклучиво на незадоволството на судските службеници по однос на донесениот Закон за судска служба и неговата примена, но не и за други цели.
„Во Судот не постои партизираност, ниту, пак, партиски книшки. Вработувањата во Судот се вршат исклучиво врз основа Закон, со примена на начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и со почитување на критериумите на стручност и компетентност“, стои во реакцијата на Основниот суд Скопје 2.