Достапни линкови

Рударите стечајци се надеваат на нов концесионер


Илустрација.
Илустрација.

Во Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство велат дека имало заинтересирани фирми што сакаат концесија за рудниците Тораница и Злетово.

Постојат реални шанси за брзо рестартирање на рудниците „Тораница“ во Крива Паланка и „Злетово“ во Пробиштип од страна на нов концесионер кој повторно ќе ги врати на работа сите вработени и ќе им ги исплатени заостанатите четири плати, оценуваат од Синдикатот за рударство, енергетика и индустрија.

Од она што ние како контакти и информации го имавме со одредени инвеститори, до овој момент беа реални шансите дека ќе има влез за брзо рестартирање. Но, додека не видиме, во ништо не можеме да веруваме.
Пеце Ристески, претседател на Синдикатот за рударство, енергетика и индустрија.

„Од она што ние како контакти и информации го имавме со одредени инвеститори, до овој момент беа реални шансите дека ќе има влез за брзо рестартирање. Но, додека не видиме, во ништо не можеме да веруваме“, вели претседателот на Синдикатот, Пеце Ристески.

Околу 1000 рудари од рудниците „Тораница“ и „Злетово“ останаа без работа откако Министерството за економија поднесе барање за раскинување на договорот со компанијата „Индо минерали и метали“ која стопанисуваше со рудниците, бидејќи цела година не ја плаќала концесијата. Компанијата на 19 ноември оваа година отвори стечајна постапка со што на рударите им престана работниот однос.

„Работниците ќе го користат правото во Агенцијата за вработување, согласно должината на стажот што го имаат, да добиваат 50 отсто од платата што ја добивале во претходните 24 месеци. Тие ќе користат и здравствена заштита, меѓутоа ние се надеваме дека брзо ќе се најде партнер, бидејќи имаше заинтересирани фирми што ќе сакаат преку реорганизација во стечај што побрзо да се активираат рудниците“, вели Ристески.

Тој додава дека Синдикатот има изградено заеднички став со Министерството за економија дека идниот концесионер освен исплаќањето на заостанатите плати, да ги вработи сите работници кои работеле до денот на стечајот.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски коментира дека во овој момент Владата треба да излезе со информации зошто дошло до ваквата ситуација и кој од Владата е одговорен за неа. Според него, рударите треба социјално да бидат згрижени и да се најдат нови сериозни концесионери кои долгорочно ќе ги преземат рудниците.

Сметам дека Владата многу доцна реагира, бидејќи подолг период наназад јавноста е запознаена дека има проблеми во овие два рудници во однос на сопственикот кој стопанисува и кој ги имаа концесиите на рудниците. За жал и синдикатот не застана на страна на работниците на коишто подолго време не им е исплатена платата, што отвора простор за сомнеж дека сепак дел од владините и синдикалните структури беа на страната на сопствениците на рудниците и одолговлекуваа за на крајот да дојде до едно несакано сценарио“, вели Најдовски.

Компанијата „Индо минерали и метали“ од 2006 година стопанисува со рудниците „Злетово“ и „Тораница“. Вработените во компанијата која беше претставувана како една од најголемите странски инвестиции и работодавци и во изминатите години се соочуваа со проблеми околу исплатата на нивните плати.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG