На првата владина седница како министри од опозицијата бевме повикани еден час пред нејзиното одржување, а немавме претходен пристап до материјалите што беа разгледувани, тврди во неделното интервју на Радио Слободна Европа министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.
Кога пристапивме до местата определени за министрите за ресорите што ги водиме немавме отворено пристап до Е-влада што значи и дека немавме претходен директен пристап до материјалите за кои се дискутира на владата. Имаше обиди за брзоплето поминување преку точки кои бараат сериозна дискусија.Фросина Ташевска Ременски, министерка за труд и социјална политика.
„Кога пристапивме до местата определени за министрите за ресорите што ги водиме немавме отворено пристап до Е-влада што значи и дека немавме претходен директен пристап до материјалите за кои се дискутира на владата. Имаше обиди за брзоплето поминување преку точки кои бараат сериозна дискусија“, вели Ременски, која додава дека на седницата која ја водел вицепремиерот Зоран Ставрески имало и прашања што можеле да допрат и до изборите, особено во делот на финансиите, а таа и нејзиниот колега од Министерството за внатрешни работи гласале воздржано.
„Особено интересно беше барањето од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за пренамена на средства од ставката заштеда во ставката во субвенции станува збор за близу девет милиони евра без ребаланс на буџет со одлука на влада. Добивме уверување дека не станува збор за паричните средства за субвенции“, вели Ременски.
Инаку двајцата министри чие именување е предвидено во Договорот од Пржино од почетокот на работата наидуваат на несогласувања со нивните заменици и на силни критики во дел медиуми. Според аналитичарот Алберт Муслиу уште кога се преговараше и самиот договор се знаело дека неговото спроведување ќе оди тешко, со сопки и одложувања.
„Иако имаме двајца министри од опозициската партија сите други се од владејачката коалиција. Тие ќе се трудат да го одолговлекуваат процесот за да не и дадат доволно временски простор на спротивната страна да го спроведат тоа што го планираат. Но од друга страна тоа не е изговор, ниту за опозициската партија ако провладините медиуми или експоненти ги напаѓаат дека тоа треба да ги обесхрабри и дефакто ќе им оневозможи да ја сработат својата работа“, вели Муслиу.
И голем број граѓани немаат доверба дека одговорните партии дека ќе ги исполнат своите обврски од договорот од Пржино па така на анкетата на ИРИ на прашањето дали сметаат дека тековните преговори меѓу четирите партии ќе доведат до успешна имплементација сите аспекти на договорот од Пржино, само 33 проценти од испитаниците одговориле „да“, додека 24 проценти рекле „не“.