Доколку до вечер до полноќ четирите политички партии не се договорат за изборот на новите министри и заменици министри, односно не се испочитува 20 октомври, рокот предвиден во договорот од Пржино, тој ќе биде прекршен и од утре сите опции се на маса, брифираат високи извори од СДСМ вклучени во преговорите. Тие не сакаат да откријат што би се случувало од утре, но остануваат на ставот дека доколку до вечер не се договори законот за влада и не се изберат новите членови, тоа ќе значи дека утре ќе имале видоизменета ситуација, а договорот би можело да падне во вода.
Откако дискусијата преминала на законот за влада, од ВМРО-ДПМНЕ, тврдат од опозицијата, инсистирале замениците министри да имаат право на вето за сите прашања, со што, како што велат од СДСМ, новиот министер од нивните редови во Министерството за внатрешни работи, би се свел на ниво на „англиска кралица“.
За попладнево во 17 часот е закажана нова средба во Клубот на пратениците од којашто всушност би можело да зависи и „преживувањето“ на пржинските документи, но очекувањата на опозицијата за позитивен исход попладнево беа мали.
Од опозицијата велат и дека тоа би било прво посериозно прекршување на протоколот кон договорот од 2 јуни, постигнат на 15 јули, во кој со конкретен датум, 20 октомври, се наведува дека треба да се изберат министрите по нивни предлог во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои заменици и заменици од СДСМ во министерствата за финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во врска со вчерашните преговори во резиденцијата на Европската унија во Пржино со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, истите опозициски извори тврдат дека владејачката партија инсистирала да се разговара и да се договори законот за забрана на т.н. бомби, што и досега ги одолговлекувало преговорите.
Откако дискусијата преминала на законот за влада, од ВМРО-ДПМНЕ, тврдат од опозицијата, инсистирале замениците министри да имаат право на вето за сите прашања, со што, како што велат од СДСМ, новиот министер од нивните редови во Министерството за внатрешни работи, би се свел на ниво на „англиска кралица“, нешто што за нив е неприфатливо. Тие нагласуваат и дека во протоколот од 15 јули се наведува дека „замениците-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во соодветните министерства по сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите“.
Синоќа по долгочасовната средба на партиските лидери и претставници во Пржино на која покрај Хан присуствуваа и амбасадорите на Соединетите Американски Држави и на Европската унија, Џес Бејли и Аиво Орав, и белгискиот експерт кој ги олеснува разговорите на работната група Питер Ван Хауте, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Законот за Влада бил особено значаен, бидејќи предвидувал воведување дополнителни заменици министри, што како регулатива досега ја нема во македонското законодавство, поради што, била неопходна е измена на законот и прецизно утврдување на нивните надлежности.
Од опозицијата, пак, тврдат и дека синоќа Хан се заканил дека ако денеска остане истата ситуација не ќе може повторно да ѝ се даде препорака на Македонија за почнување на преговорите за зачленување во Европската унија.