Достапни линкови

Неопходен пристоен буџет за специјалното обвинителство


Плановите на Специјалната обвинителка предизвикаа бурни реакциии во Јавното обвинителство кое има помал буџет од новото обвинителство. Познавачите велат дека на Јанева и е потребен пристоен буџет за да се справи со случаите.

Првите одлуки, Специјалното јавно обвинителство се очекува да ги донесе во период од 15-ти декември до 25-ти март следната година, пишува во работниот план на Катица Јанева. Според работниот план, 14-те помошници јавни обвинители ќе бидат поделени во седум тимови и во секој тим ќе бидат вклучени истражители и јавнообвинителски службеници, односно ќе се ангажираат 28 истражители, четири соработници и шест советници.

Затоа јас мислам дека треба да биде пристоен буџетот, а не како што се сега буџетите на правосудните органи коишто мака мачат да ја истераат годината.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Според финансискиот план за последниот квартал од годинава за плати се предвидени околу 500 илјади евра. Според истиот план, за функционирање на Специјалното обвинителство во следниве три месеци, државата треба да издвои еден милион евра. Плановите на Специјалната обвинителка предизвикаа бурни реакциии во Јавното обвинителство, кое се огласи со соопштение во кое негодуваат за намалувањето на кадарот во нивните редови поради формирањето на Специјалното обвинителство и поради нискиот буџет со кој функционираат. Буџетот на Јавното обвинителство изнесува половина милион евра годишно.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека на Јанева и е потребен пристоен буџет, а не како тој на Јавното обвинителство со кој едвај кубурат.

„Еден финансиски комодитет којшто ќе биде усмерен во прибавувањето на доказите и она што значи предмет на работа, а не во друг смисол. Затоа јас мислам дека треба да биде пристоен буџетот, а не како што се сега буџетите на правосудните органи коишто мака мачат да ја истераат годината“, вели тој.

Во јавноста имаше бурни реакции и за тимот на Специјалната обвинителка. Едно до позвучните имиња во тимот на Јанева е обвинителката Лиле Стефанова која на јавноста и е позната по контроверните случаи како „ Ликвидација“ каде што покрај судии и обвинители беше осуден и новинарот Томислав Кежаровски. Таа е застапник и на обвинителниот акт во случајот „Фаланга 2“, потоа против вработените во Музејот на Македонија за случајот со исчезнати артефакти од музејското депо, како и случајот „Шпион“, а ја води и предистражната постапка за случајот „Маѓар телеком“, која Јавното обвинителство ја отвори неодамна „по допрен глас од јавноста“.

Трајче Пеливанов, кој е дел од тимот на Јанева е познат по случајот против очниот хирург Дејан Ставриќ, кој беше водачот на штрајкот на лекарите. Понатаму Снежана Бундалевска која доаѓа од скопското обвинителство беше задолжена за предметот „Тајвански кредити“ во кој ексдиректорот на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски и неговиот тогашен заменик, Јован Андонов-Реган се товарат за за злоупотреба на службената положба и дека со одобрување на средства од тајванската кредитна линија ја оштетиле државата. А Дарко Јакимовски од Скопското Јавно обвинителство беше обвинител во случајот со 20-годишниот Насер Ештрефи, осуден за убиството на матурантот Ангел Петковски од Ѓорче Петров.

Останати обвинители во нејзиниот тим се Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Бајрам Рустеми, Гаврил Бубевски, Елизабета Јакимовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Љубомир Лапе, Маре Ѓорѓева и Стевчо Дончев.

Советот на Јавни обвинители како прва точка на дневен ред ги разгледува трите плана на Јанева- финасискиот, работниот и персоналниот. А како втора точка е заведена изборот на тимот на Јанева. Пред почетокот на седницата од Советот ни рекоа дека нивните ингеренции завршуваат со имплементација на плановите и дека за нив може само да расправаат, но не и да ги оспорат.

Јанева во соопштението по доставувањето на плановите изрази очекување дека Советот ќе ги спроведе нејзините планови и без проблем ќе ги избере предложениот тим на обвинители.

Јанева во рок од 18 месеци ќе треба да заврши со истрагите и да подигне обвиненија за дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Ако во рамки на тој период не покрене обвинение, понатаму не ќе може да го стори тоа.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG