Премиерот Ципрас додаде дека со договорот постигнат на 13 јули се спасува земјата да не излезе од еврозоната. Во спротивно, како што рече, тоа ќе водело кон уништување на средната и пониските класи во земјата.
„Целосно сум свесен за мојата одговорност, за грешките и за потпишувањето на текстот во кој јас не верувам, но сум обврзан да го спроведам. Не бегам од одговорноста бидејќи она што е најважно сега е да се осигури безбедноста на земјата и на работничката класа од економска катастрофа“, изјави тој во интервју за грчката телевизија пред денешното гласање за договорот во парламентот.
Тој додаде дека водел битка да не дојде до кратење на платите и на пензиите, наведувајќи дека фискалното прилагодување постигнато со договорот е помало од она што беше усогласено во минатото.
Вие не може да останете во внатрешноста на идеолошкиот балон во критични моменти. Кој мисли дека може да седи во фотелја, облечен во слава на идеолошката чистота мора да даде објаснување како за грчкиот народ, така и за историјатаАлексис Ципрас, премиер на Грција.
Но, Ципрас не ја крие својата горчина за она што се случувало на состанокот со лидерите на еврозоната.
„Имаше одмазднички став од страна на нашите партнери во врска со одлуката да ги прашаме луѓето на референдум. Која е пораката испратена до нас од нашите партнери? Тоа е дека нема смисла земјите да одржуваат избори. Тоа е многу остра порака за Европа“, изјави Ципрас, кој се соочува со несогласувања и во рамките на неговата партија Сириза околу постигнатиот договор.
Но, како што вели тој, Грција мора да се држи до фискалните реформи.
„Грција нема резерви за да поддржи враќање кон својата сопствена валута. Тоа не само што ќе предизвика колапс на банкарскиот систем, туку и ќе ги истроши сите заштеди на грчките граѓани“, рече тој.
Ципрас ја отфрли можноста да се повлече од функцијата или да ја пренесе власта врз таканаречена влада на национално единство со опозициските партии затоа што беше принуден да се откаже од изборните ветувања и да ги прифати болните мерки за штедење.
Тој ги критикуваше бунтовниците во неговата партија кои најавуваа дека ќе гласаат против договорот.
„Вие не може да останете во внатрешноста на идеолошкиот балон во критични моменти. Кој мисли дека може да седи во фотелја, облечен во слава на идеолошката чистота мора да даде објаснување како за грчкиот народ, така и за историјата“, рече тој.
Во меѓувреме, Меѓународниот монетарен фонд објави дека на Грција ќе и биде неопходно поголемо олеснување на долгот од она што се подготвени да и го дадат лидерите на Европската унија.
Според студијата на Фондот, објавена пред денешното гласање во грчкиот парламент за договорот за финансиска помош од 85 милијарди евра, се наведува дека во Грција се влошил финансискиот хаос и оти европските земји треба да и дадат на земјата 30 годишен грејс период за сервисирање на европскиот долг, вклучувајќи нови заеми.