Земјите членки на еврозоната и дадоа рок на Грција до крајот на неделава да понуди предлог за реформи во замена за финансиска помош со која би избегнала банкрот. Грчкиот премиер Алексис Ципрас треба до петок да го презентира предлогот, но германската канцеларка Ангела Меркел побара од Ципрас да го изложи планот до утре, со цел таа да побара одобрение од Бундестагот за продолжување на преговорите во врска со новата програма за помош.
Вистинскиот проблем е каква Европа градиме. Дали е тоа Европа на развој, цврсти основи и култура или Европа со бирократски регулативи.Матео Ренци, премиер на Италија.
На итниот самит во Брисел, лидерите на 19-те земји од евро-зоната, објавија дека в недела ќе се одржи самит на сите 28 земји членки на Европската унија, на кој ќе биде расправано за иднината на Грција.
Премиерот на Шпанија, Мариано Рахој, изјави дека Грција е решена да понуди нова програма и таа ќе биде разгледана на самитот во недела.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека Европската централна банка ќе обезбеди грчките банки да имаат минимум ликвидност барем до недела.
Ситуацијата во Грција се влошува, банките веќе втора недела се затворени, повлекувањето готовина од банкоматите е ограничено.
Италијанскиот премиер Матео Ренци оцени дека во прашање е целата Европска унија.
„Вистинскиот проблем е каква Европа градиме. Дали е тоа Европа на развој, цврсти основи и култура или Европа со бирократски регулативи“, изјави Ренци.
Грција нема многу време за понуда на новиот план. Доколку Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка го одобрат, министрите за финансии на Европската унија ќе се состанат в сабота за да препорачаат отворање преговори за условената финансиска помош за Грција, а тоа би требало да го потврдат лидерите на ЕУ во недела.
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека Брисел има и конкретен план за евентуалниот излез на Грција од еврозоната.