Финансиската криза во Грција како да го врти вниманието на медиумите кон таа земја, но и како повеќе да им служи на домашните медиуми да прават споредби со нашите состојби и да наоѓаат сличности во однесувањето на двете гарнитури кои се на власт.
Инаетењето е заедничко за Грција и за Македонија, иако вели, Груевски е два чекора понапред. Се инати не само со ЕУ, како Атина, туку пред сè со граѓаните на Македонија.Глобус.
Глобус - Двоен банкрот
За „Двоен банкрот“ пишува колумнистот во „Таленти“ во најновото електронско издание на Глобус при што наведува дека инаетењето е заедничко за Грција и за Македонија, иако вели, Груевски е два чекора понапред. Се инати не само со ЕУ, како Атина, туку пред сè со граѓаните на Македонија. А како второ, пишува Глобус, Груевски ги води државата и граѓаните не само во финансиски, како Грција, туку и во политички банкрот. Двоен банкрот, само за да биде и да остане на власт. „Груевски е пукнат да биде владетел/диктатор макар и на банкротирана држава. Македонија политички е веќе банкротирана, државата е и на раб на финансиски колапс кој, кај и да е, ќе излезе на виделина. Доколку Груевски остане на власт, Македонија е на сигурен пат кон брз двоен банкрот, а само од граѓаните зависи дали ќе дозволат тоа да се случи“, завршува Глобус.
Фокус - Ниту Груевски, ниту Заев ја имаат важноста на Ципрас
Фокус во уводната колумна пишува дека ниту Груевски, ниту Заев ја имаат важноста на Ципрас и разбирливо е, вели, што целата европска јавност сега е фокусирана на грчкото, а не на македонското прашање, но поуките од тоа како ќе биде пресечен грчкиот јазол многу бргу ќе се почувствуваат овде. Кога ќе почне расчистувањето со балканските палавковци, верувајте, порачува уводничарот, ја нема таа сила која ќе дозволи поигрување со европските нерви. Тие се истрошени од преголемата доза на балканска итроштина. Тука нема да помагаат интервјуа за нашата европска ориентираност, ниту празни зборови. Ќе треба конкретни чекори и значајни промени! - порачува Фокус.
Кога ќе почне расчистувањето со балканските палавковци, верувајте, ја нема таа сила која ќе дозволи поигрување со европските нерви.Фокус.
Република - Слабоста на ЕУ го дестабилизира Балканот
„Слабоста на ЕУ го дестабилизира Балканот“ - смета уводничарот во Република, наведувајќи дека грчката криза, дефинитивно, е најголемиот проблем на Балканот од кој во моментот сериозно стравува Брисел. Па потсетува дека Германката Меркел порачала дека Европа мора да е во состојба да најде компромис, но и дека мора да остане на своите принципи, а никогаш не била толку загрижена за принципите - ниту кога станувало збор за грчката блокада за проширување на ЕУ ниту за непочитувањето на меѓународното право во случајот со Македонија ниту за непочитувањето на основните човекови и малцински права во Грција. Можеби затоа што непринципиелноста на Грција ќе ги чини останатите членки на еврозоната повеќе од 250 милијарди евра, пари кои неколку европски големи држави ќе мора да ги исплатата на кредитодавателите ако Грција излезе од еврозоната, пишува Република.