Достапни линкови

Грците гласаа против мерките за штедење


Гласањето за време на референдумот во Грција.
Гласањето за време на референдумот во Грција.

Над 60 насто од Грците на денешниот референдум гласаа против новиот план за штедење понуден од страна на европските лидери со цел да се реши должничката криза во земјата.

Според првичните официјални резултати над 60 проценти од Грците денеска гласаа против предлогот на меѓународните кредитори за решавање на должничката криза. За утре германската канцеларка Ангела Меркел планира да го посети Париз каде ќе разговара за грчката криза со претседателот на Франција Франсоа Оланд.

Инаку на референдумот право на глас имаа околу 10 милиони Грци, кои доколку се изјаснат негативно на референдумот тоа може да предизвика излез на земјата од еврозоната. Предложената спогодба со доверителите предвидува дополнителни рестриктивни мерки на штедење во замена за финансиска помош за спасување на економијата.

Грците го прославуваа исходот од референдумот
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:58 0:00

Референдумското прашање гласеше „Дали да се прифати нацрт спогодбата што ја претстави Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд на состанокот на Еврогрупата, на 25 јуни, и кој се состои од два документи а сочинуваат единствен предлог? Првиот документ е насловен „Реформи за довршување на актуелната програма и после неа“, а вториот е„ Прелиминарна анализа на одржливоста на долгот“.

Никој не може да ја игнорира пораката на одлучност на народот кој ја зема судбината во свои раце.
Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Референдумот беше предложен од страна на левоориентираниот премиер Алексис Ципрас кој ги повика Грците да гласаат против „стравот“ и „тероризмот“ со тоа што ќе го одбијат новиот план за штедење.

Ципрас на гласачкото место денеска беше дочекан со овации и повиците „Охи, охи" (не,не). Тој по гласањето изјави дека неговата презадолжена земја е одлучна во тоа да донесе одлука за сопствената судбина во еврозоната.

„Никој не може да ја игнорира пораката на одлучност на народот кој ја зема судбината во свои раце“, рече Ципрас.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на гласањето.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас на гласањето.

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис по гласањето изјави дека референдумот на Грците има ја дава можноста да си го кажат своето мислење за „ултиматумот“ за штедење, што им е ставен од другите земји во еврозоната. Според него „сериозните грешки“ на еврозоната довеле до барањата за ново штедење

„Денешното гласање и дава надеж на Европа дека заедничката валута и демократијата можат опстојуваат истовремено“, изјави Варуфакис.

На прашањето дали навистина ќе поднесе оставка ако граѓаните кажат „да“, Варуфакис одговори „безусловно“, но додаде дека верува оти мнозинството нема да гласа со „да“.

Денешното гласање и дава надеж на Европа дека заедничката валута и демократијата можат опстојуваат истовремено.
Јанис Веруфакис, министер за финансии на Грција.

Избирачките места во Грција беа отворени утринава во седум часот по локално време, а граѓаните ќе можат да гласаат до 19 часот. Првите прелиминарни резултати, како што е најавено, ќе бидат објавени околу 21 часот.

Доверителите на Грција бараат реформи во замена за продолжување на спогодбата за пакетот помош до ноември, но продолжувањето беше одбиено, а програмата за помош завршена како што беше планирано, на 30 јуни, по минатонеделниот крах на преговорите меѓу грчката Влада и кредиторите.

Грчката Влада не сакаше да го прифати предлогот без консултации со граѓаните, кој Ципрас го нарече „ултиматум“ и уцена, додека од друга страна европските претставници истакнуваат дека станува збор за „дарежлива понуда“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG