Грчката економска криза може да донесе позитивни ефекти за македонскиот туризам, односно за Охрид и Струга, само доколку дојде до брза разрешница на политичката криза во земјава, сметаат туристичките работници од регионот.
Мислам дека сега баш не е најдоброто време и кај нас. Мислам дека и ние сега не сме пожелна дестинација за земјите во соседството, поради оваа криза што се случува кај нас.Ана Јанчева, менаџер во струшкиот хотел Дрим.
Ана Јанчева, менаџер во струшкиот хотел Дрим, смета дека од кризата во Грција најголеми профитери на долг рок би биле Црна Гора или Хрватска. Според неа поради политичката криза и Македонија во моментот не е баш пожелна дестинација.
„Мислам дека сега баш не е најдоброто време и кај нас. Мислам дека и ние сега не сме пожелна дестинација за земјите во соседството, поради оваа криза што се случува кај нас. Сите хотелиери и приватни сместувачи во моментот имаат слични реакции и коментари дека криза постои и кај нас. Не е тоа економска криза од Грција, туку е онаа политичка криза што за жал се рефлектира и по бројот на туристи и на самиот интерес за летување во нашиот регион, рече Јанчева.
Ќе дојде до намалување на транзит гостите кои престојуваат на едно до две ноќевања. Позитивно може да се одрази на нашите државјани да се одлучат за охридското крајбрежје. Сепак за привлекување на повеќе гости мора да се работи на долгорочна стратегијаФилип Стефаноски, туристички работник од Охрид.
Јанчева смета дека е неопходна добро издржана програма и стратегија како во иднина да ја искористиме грчката криза.
„Доколку имаме стратегија и доколку и ние имаме една позитивна ситуација која што ќе им даде поттик на туристите да летуваат во Македонија секако дека интерес ќе има кај туристите“, рече Јанчева.
Кризата во Грција може да има позитивни, но и негативни ефекти на домашниот рецептивен туризам, смета Филип Стефаноски, туристички работник од Охрид.
„Ќе дојде до намалување на транзит гостите кои престојуваат на едно до две ноќевања. Позитивно може да се одрази на нашите државјани да се одлучат за охридското крајбрежје. Сепак за привлекување на повеќе гости мора да се работи на долгорочна стратегија која би придонела на зголемување на бројот на гостите. Грчката криза според мене нема да ја подобри ситуацијата. Треба многу повеќе да обрнеме внимание на промоција на Македонија во околните држави што би го зголемил интересот за Македонија во Србија, Албанија, Косово и Бугарија, рече Стефаноски.
„Охрид и Струга со добра анализа лесно би утврдиле дека главната клиентела на грчките капацитети се од Србија, додека Бугарите се најчести посетители на делот од областа Врасна- Аспровалта. Значи овие две држави се двете целни групи кон кои Македонија и нашиот регион може да се прикаже како алтернатива на грчките плажи. Тука треба да се бараат можностите и секако фокусот, но е потребна само стратегија и правилно насочување на рекламата и промоцијата“, вели Петко Кутаноски сопственик на туристичка агенција од Струга.
Од Општина Охрид велат дека градот е подготвен да ги прими оние туристи кои нема да заминат за Грција.
„Сите оние кои сметаат дека Грција во овој момент не им е добра опција да го поминат летниот одмор сигурен сум дека Охрид ќе го изберат и нема да погрешат“, изјави Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам во Општина Охрид.