Историскиот договор меѓу големите сили и Иран го отвора патот за укинување на санкциите против Техеран и за негова реинтеграција во меѓународната заедница.
Дестабилизирачки фактор?
Скептиците, меѓу кои и некои американски официјални претставници, сметаат дека Иран, по укинувањето на санкциите, од нафтата и гасот би можел да инкасира стотици милијарди долари и да бележи економски раст од околу 8 проценти. Дел од новите финансии Иран би можел да ги користи за дестабилизирачки акции.
Мосен Милани, извршен директор на Центарот за стратегиски и дипломатски студии на Универзитетот во Јужна Флорида, за Радио Слободна Европа изјави дека договорот може да биде и пресвртница во друг правец на Блискиот Исток, бидејќи ги отвора вратите за подобри односи на Западот со Иран, со што би се намалиле тензиите во целиот регион.
Договорот ја зголемува загриженоста во арапските земји со претежно сунитски муслимани, кои се американски сојузници, за разлика од шиитскиот Иран.
Промена на сојузниците
Договорот ја зголемува загриженоста во арапските земји со претежно сунитски муслимани, кои се американски сојузници, за разлика од шиитскиот Иран. Барак Обама ќе остане запаметен како американски претседател кој ги обновил релациите со Техеран, но можеби ќе ги загуби традиционалните сојузници во регионот, вели Сами Ал Фарај, кувајтски советник за безбедност во Советот за соработка во Заливот. Тој додава дека заливските земји би можеле да разгледуваат други опции за сојузништво, како на пример Русија, Франција или, пак, Турција и Пакистан.
Регионална трка во вооружување
Саудиска Арабија најави дека поради договорот со Иран и таа ќе ги зголемува своите нуклеарни капацитети за да има баланс, а член на саудиското кралско семејство изјави дека и други земји на Блискиот Исток веројатно ќе го сторат истото. Но, професор Милани оценува дека заканите од Саудијците и од други блиско-источни влади дека ќе развиваат нуклеарни капацитети, се само присток врз западот задобивање концесии.
Нови игри за енергија
Иран, поради санкциите, досега не можеше целосно да ги користи своите енергетски потенцијали. Се проценува дека Иран е на 4 место во светот според резервите на нафта, а пред Русија е и според резервите на гас. Ослободувањето на овие резерви на светскиот пазар не само што ќе ја зајакне економската моќ на Иран, туку и европските земји ќе имаат алтернатива за рускиот гас.
Патот до демократизација
Договорот може да му даде предност на релативно умерениот ирански претседател Рохани во однос на тврдото крило во Иран кое се противи на демократизацијата на земјата. Аналитичарот Алириза Надер смета дека Рохани ќе се сочи со голем отпор доколку се залага за реформи и за поголеми права на граѓаните, па затоа ќе биде внимателен. Сепак, од корист ќе му биде договорот, укинувањето на санкциите, намалувањето на заканите од војна, со што ќе се отвори простор за поголема демократизација на Иран.