„Како што нацистите настојуваа да ја згазат цивилизацијата и да ја заменат со „ариевска раса“, како и да ги сотрат Евреите, така и Иран се стреми да ја преземе контролата врз регионот и да ја уништи еврејската држава“, изјави Нетанјаху во обраќањето по повод одбележувањето на 15 април, Денот на холокаустот.
Тој притоа го спомна рамковниот договор што шесте светски сили го постигнаа со Иран во врска со контроверзната иранска нуклеарна програма:
„Лошиот договор што беше постигнат со Иран ни кажува дека историската лекција се уште не е научена“, изјави тој.
Шесте светски сили и Иран на 2 април во Швајцарија се договорија до 30 јуни годинава да постигнат конечен договор за ограничување на иранските нуклеарни активности во замена за симнување на меѓународните санкции против Техеран.
Како што нацистите настојуваа да ја згазат цивилизацијата и да ја заменат со „ариевска раса“, како и да ги сотрат Евреите, така и Иран се стреми да ја преземе контролата врз регионот и да ја уништи еврејската држава.
Израел постојано предупредува дека со овој договор недоволно се прави за да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Техеран пак, постојано повторува дека станува збор за програма со која земјата ќе добие нуклеарна енергија.
Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека администрацијата на претседателот Барак Обама била уверена дека заедно со сојузниците ќе може да постигне договор со кој, како што рече, светот ќе стане побезбеден.
„Голем е предизвикот при крајот на преговорите со Иран во наредниве два ипол месеци“, изјави Кери по пристигнувањето во германскиот град Либек на дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на Г7.
Претходно, Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат едногласно одобри закон со кој Конгресот ќе расправа за секаков конечен договор со Иран.
Обама се закануваше со вето на Законот, но тој се откажа од ваквата намера откако демократите и републиканците постигнаа компромис околу ваквата мерка.
Со законот се остава период од 30 дена во кој Конгресот ќе ги разгледа сите аспекти од договореното во врска со иранската нуклеарна програма. За тој период американскиот претседател Барак Обама не може да симнува никакви санкции што Конгресот ги вовел против Иран.
Израел изрази задоволство од компромисот за овој закон што сега треба да биде одобрен од Сенатот. Шефот на израелското разузнавање Јувал Штајниц изјави дека станува збор за многу важен елемент во спречувањето да се направи лош договор со Иран.
Од своја страна официјален Техеран за новиот закон оцени дека е внатрешно американско прашање. „Ние преговараме со големите сили, не со Конгресот“, рече иранскиот претседател Хасан Рохани.