Претседателот Обама оцени дека рамковниот договор за нуклеарно разбирање со Иран е шанса која се дава еднаш во животот со цел да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје и да се постигне мир на Блискиот Исток.
Во интервју за „Њујорк Тајмс“ тој додаде дека можните придобивки од договорот далеку ги надминуваат потенцијалните опасности.
Претставници на Иран и на шесте светски сили на 2 април, по неколкумесечни преговори, постигнаа рамковна согласност за контроверзната иранска нуклеарна програма.
Сега до 30 јуни треба да биде постигнат и финален договор.
Договорот има недостатоци, но можеби тоа било најдоброто нешто што можел да го постигне Обама со оглед на тоа што Иранците ниту се плашат од него ниту пак го почитуваат.Линдзи Греам, сенатор.
Обама додаде дека Израел има право да биде загрижен за иранската нуклеарна програма, но нагласи дека Соединетите Држави ќе осигурат со финалниот договор да бидат спречени сите израелски сомневања околу иранските намери.
Обама притоа изјави дека американската одбрана на Израел останува цврста.
И покрај тоа, израелскиот премиер Нетанјаху повтори дека рамковното разбирање претставува историски лош договор.
Тој во интервју за Си-Ен-Ен оцени дека договорот не ја враќа назад иранската нуклеарна програма и оти Иран и натаму задржува голем дел од нуклеарната инфраструктура.
Нетанјаху наведе дека, според сегашната согласност, нема да биде уништена ниту една центрифуга, ниту, пак, ќе биде затворена некоја нуклеарна постројка во Иран.
Во Вашингтон, пак, сенаторот Дајана Фајнштајн, демократ од Калифорнија, инаку потпретседател на Комитетот за разузнавање, оцени дека согласноста со Иран не претставува животна опасност за Израел како што вели премиерот Нетанјаху.
Републиканскиот сенатор Боб Коркер изјави дека е многу битно овој договор да биде одобрен од Конгресот додека сенаторот Линдзи Греам оцени дека договорот има недостатоци, но оти можеби било најдоброто нешто што можел да го постигне Обама со оглед на тоа што, како што рече, Иранците ниту се плашат од него ниту пак го почитуваат.
Во меѓувреме, командантот на иранската војска генерал Хасан Фирузабади, кој се смета за близок соработник на врховниот верски лидер ајатолах Али Хаменеи го пофали успехот на неговата земја во преговорите со светските сили, што ги водеше шефот на дипломатијата Мохамад Џавад Зариф.
Јавното мислење во Иран е поделено во врска со договорот. Некои екстремни конзервативци го критикуваат како предавство на иранските интереси.