Достапни линкови

Македонците се надеваат на поевтин одмор во Грција


Летувањето може да биде поевтино, но туристите нема да може да вадат готовина од банкоматите и да се плаќа со кредитни картички. Не се очекува банките да бидат погодени, но ќе трпи бизнисот кој е поврзан со грчки фирми.

Новонастанатата ситуација и можниот банкрот на Грција поради должничката криза, според експертите ќе резултира со намалување на цените за летување во земјата, но и ќе го отежни престојот. Тие не очекуваат македонските банки да бидат погодени за разлика од бизнисот. Грчките власти предложија банките да останат затворени во следните шест работни дена, а од вторник од банкоматите да се повлечат максимално 60 евра дневно.

Сите показатели укажуваат на тоа дека за нас ќе биде поевтино таму да се летува, но се поставува прашање што останува со другите елементи на престојот таму со другите компоненти.
Марија Зарезанкова Потевска, универзитетски професор.

Професор Марија Зарезанкова Потевска, вели дека земјата нема да може нормално да функционира и тоа ќе има реперкусии врз престојот на туристите.

„Сите показатели укажуваат на тоа дека за нас ќе биде поевтино таму да се летува, но се поставува прашање што останува со другите елементи на престојот таму со другите компоненти. Значи нема да може готовина да се вади од банкоматите и да се плаќа со кредитни картички и мислам дека сето тоа ќе биде отежнато на некој начин“, вели Зарезанкова Потевска.

И професор Биљал Касами вели дека позитивно е тоа што можеби ќе има намалување на цените на престој, но македонските туристи ќе бидат приморани да носат кеш со себе. Според него, нашиот банкарски систем е независен и само треба да се внимава на одливот на капитал.

Во однос на бизнисот ќе има влијание затоа што сепак плаќањата се преку банките, така да сите македонски фирми кои се поврзани со грчки фирми ќе имаат проблеми и тоа ќе влијае и на увозот и на извозот.
Биљал Касами, универзитетски професор.

„Во однос на бизнисот ќе има влијание затоа што сепак плаќањата се преку банките, така што сите македонски фирми кои се поврзани со грчки фирми ќе имаат проблеми и тоа ќе влијае и на увозот и на извозот“, вели Касами.

Според Зарезанкова Потевска, економијата во светски размери работи по принципот на сврзани садови, па така проблемите во една економија се одразуваат и во другите, иако од ММФ најавуваат дека ќе најдат решение за грчката криза.

„Но, во секој случај тоа ќе се одрази и на нашите партнери овде, односно и на грчко-македонските односи и банкарски сектор, а можеби и другите сектори како што е трговијата, бидејќи имаме доста грчки претпријатија во земјава“, додава Зарезанкова Потевска.

Грчките власти во меѓувреме порачаа дека нема да има ограничување за странските туристи при повлекувањето пари од банките во Грција. Народната банка на Македонија пак соопшти дека презема привремени заштитни мерки со кои ќе се спречат позначителни одливи на капитал од земјава во Грција.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG