Достапни линкови

Советници како на летен распуст


Седница на совет на Општина Куманово.
Седница на совет на Општина Куманово.

На седницата на Советот на Општина Куманово посветена на прашања до градоначалникот, не изостанаа партиски препукување и критики. Но дел од советниците излегоа од салата.

Седницата предвидена за советнички прашања до градоначалникот на Куманово и на локалната администрација за дел од советниците беше добра прилика да излезат од салата. Некои пак, што останаа да ја следат дискусијата беа како распалавени деца, поради што и претседателот на Советот беше принуден да ги опомене за несоодветно однесување.

Не постои тендер кој не е вратен најмалку два пати. Затоа не можевме два месеца да ја приклучиме електричната енергија до семафорите. Па баравме донации, определени фирми. Дефинитивно сме исправени во една ситуација да импровизираме.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Иако поставуваните прашања се однесуваа на локални теми и проблеми, не изостануваше партиско препукување и критики како од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, така и од градоначалникот Зоран Дамјановски. Веројатно тоа е рефлексија на политичката криза во државава, што се прекршува преку грбот на граѓаните. Во нивен интерес, за волја на вистината, не само декларативно, советниците прашуваа за инфраструктурата, за капиталните проекти, за она што ги засега оние кои што советниците ги претставуваат.

„Децата ги учиме да поминуваат на пешачки премини, за жал тие не знаат што е тоа, оти „зебрите“ не ги гледаат, бидејќи никаде во градот не се обележани.“

Беше прашањето од советничката Злата Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ, на што градоначалникот објасни дека е во постапка распишаниот тендер за хоризонтална сигнализација, дека апликациите биле враќани со според него, бизарни забелешки од Советот за јавни набавки. Меѓутоа, откако наскоро ќе започне реконструкција на горниот слој на улиците се надева дека ќе се создадат услови и за хоризонтална сигнализација. Со наведените рокови, се очекува дури во втората половина или кон крајот на летото да се „исцртаат“ пешачките премини.

Снежана Захариева од СДСМ посочи за подолг период исклучените семафори на една од најфреквентните сообраќајници „Октомвриска револуција“, каде што е голем бројот на сообраќајни незгоди, особено лете. Инаку, состојбата со семафорите не е ништо подобра, ниту на останатите сообраќајници. Според Захариева, што е забелешка и на многу граѓани, е неосветленото шеталиште Градскиот кеј.

И овие проблеми според градоначалникот се резултат на однесувањето на членовите на Советот за јавни набавки.

„Не постои тендер кој не е вратен најмалку два пати. Затоа не можевме два месеца да ја приклучиме електричната енергија до семафорите. Па баравме донации, определени фирми. Дефинитивно сме исправени во една ситуација да импровизираме“, рече Дамјановски.

Расправата беше сериозна, траеше само два часа, сепак во салата не се вратија дел од народните претставници.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG