Достапни линкови

Струга собра помош за семејствата во Куманово


Помош собираа учениците од „Ибраим Темо“ и „Нико Нестор“, Муфтивството на ИВЗ во Струга, хуманитарни здруженија од градот, а пари донираше и Советот на Општина Струга.

Стружани изминатите денови ја покажаа својата хуманост донирајќи пари и друг вид на помош за граѓаните на Куманово, чии што домови настрадаа пред дваесетина дена во судирите меѓу полицијата и терористичката група. Учениците од двете струшки средни училишта „Ибраим Темо“ и „Нико Нестор“ самоиницијативно на неколку локации во градот поставија собирни пунктови каде што граѓаните имаа можност да остават свои донации.

Ние направивме еден граѓански повик, сите граѓани кои имаат можност да се солидаризираат со настанот и да помогнат во прехранбени артикли онолку колку што мислат дека можат да продонесат.
Јашар Положани, претседател на здружението Мајка Тереза од Струга

Собраните средства, учениците заедно со нивните професори, лично им ги доставија на кумановци. Во меѓувреме собирање на помош организираше и Муфтивството на ИВЗ во Струга како и други хуманитарни здруженија од градот. Јашар Положани претседател на здружението Мајка Тереза од Струга рече дека собрале 15 тони помош за овие семејства.

Совет на општина Струга.
Совет на општина Струга.

„Веднаш после инцидентот во Куманово, нашето Здружение настапи за да види за што се работи и колку тие граѓани хуманитарно се оштетени. Поради тоа ние направивме еден граѓански повик, сите граѓани кои имаат можност да се солидаризираат со настанот и да помогнат во прехранбени артикли онолку колку што мислат дека можат да продонесат. На таа акција се повикаа многу граѓани и ние собравме околу 15 тона артикли, брашно, сол, масло, ориз, макарони“, рече Положани.

Ние донесовме став дека треба да се помогнат симболично, но тоа за некои граѓани ќе значи многу.
Абдула Ќазимоски, претседател на Советот на Општина Струга.

И советот на Општина Струга донесе одлука да бидат одвоени 600.000 денари како финансиска помош за овие граѓани. Претседателот на Советот, Абдула Ќазимоски кажа дека средствата ќе бидат трансферирани на Општина Куманово која пак понатаму ќе ги дистрибуира до граѓаните.

„Ние донесовме став дека треба да се помогнат симболично, но тоа за некои граѓани ќе значи многу. Ако можевме и повеќе ќе помогневме. Ова ќе биде еден добар гест од нас како Општина. Ние ќе ги дадеме на Општина Куманово, а тие потоа ќе ги распределат. Тоа е меѓуопштинска соработка“, рече Ќазимоски.

Даме Ложанкоски, советник од СДСМ, рече дека помошта ќе биде добредојдена за овие луѓе.

„Треба да им се помогне на кумановци и на тие кои наидоа на голема штета во тие неколку денови кога имаше немири. Ова е добар гест на советот на Општина Струга“, рече Ложанкоски.

Одлуката за доделување на финансиски средства не беше поддржана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Струга. Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струга рече дека не можеле да дозволат да се даде подршка на граѓаните во Куманово, а да не им се дадат средства на семејствата на загинатите полицајци. Ова беше причина и што Општината Струга и градоначалникот Села ја раскинаа коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво.

XS
SM
MD
LG