Достапни линкови

Дневен печат - Во Брисел ништо не бива


Весниците пишуваат дека разговорите во Брисел за излез од кризата не вродија со плод. Свое место си најдоа и мигрантите, спомениците, граѓанскиот сектор.

Уште во ноќта на среда спрема четврток електронските изданија на весниците ја објавија веста дека од Брисел ништо не бива.

Фијаско на преговорите во Брисел - Груевски и Заев меѓусебно се обвинуваат.
Утрински весник.

Утрински наслови: „Фијаско на преговорите во Брисел - Груевски и Заев меѓусебно се обвинуваат”. Потоа: „Хан: Разочаран сум од недостигот на одговорност и лидерство на некои”. И потоа: „Груевски: Заев дојде да не се договори”. Утрински го објави и соопштението на СДСМ: „Разговорите без разврска, не е задоволен условот за суштинското прашање - организирање влада што нема да ја предводи Груевски”.

Вечер дури со извичник наслови: „Пропаднаа преговорите во Брисел!” Потоа ги објавува изјавата на Груевски дека „Заев се плаши од избори” и онаа на Хан дека „Мора да се остварат заложбите на кои лидерите се обврзаа на 2 јуни”. И уште еден наслов во стилот на Вечер: „Заев му се помоча на Брисел”. Соопштението од СДСМ Весникот не го објавува.

Исто како и Дневник кој информира дека преговорите во Брисел доживеале крах.

Слободен печат во печатеното издание објави речиси видовит наслов: „Заев на влезот го најави излезот - преодна влада без Груевски”.

Нова Македонија под наслов: „Влегување во огнот или набљудување отстрана” пишува за реакциите на граѓанскиот сектор и одредени политички кругови кои бараат од членовите на МАНУ да излезат од научните кабинети и да го кажат својот став за политичката криза.

Според Вечер, кој во насловот наведува дека веста е ексклузивна, се подготвувале одмазнички акции за Куманово и киднапирање на првите луѓе на МВР. Истиот весник го објавува заклучокот од спроведената истрага во МВР за акцијата во Куманово во која загинаа 8-мина наши специјалци: „Акцијата е основана, оправдана и правилна”. Македонија има проблеми и со мигрантите, и пак Вечер ексклузивно јавува дека МВР спровело голема полициска акција во Ваксинце при што во куќите биле пронајдени 120 мигранти.

И како за крај, Слободен печат прашува: „Што ги прави нашите споменици толку скапоцени - Цар Самоил кај нас чинеше 1,5 милиони евра, а во Софија 50. 000!”

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG