Достапни линкови

(Не)подобна дипломатија


Професионалци кои се партиски неподобни ја работат работата на партиските кадри во МНР. Суштинските работи за кои има ингеренции Министерството не се вршат таму, туку во центри однадвор. А кога има партиски кадри, амбасадорите ги штитат партиските, наместо дипломатските интереси.

Во Министерството за надворешни работи постои двојство, од една страна има партиски кадри кои никогаш немале контакт со дипломатија, а од друга страна има и професионалци кои, како партиски неподобни, ја вршат работата за останатите, вели во интервју за Радио Слободна Европа претседателот на Синдикатот на македонската дипломатска служба, Сашко Тодоровски, кое во целост ќе биде објавено в недела.

Имаме редица амбасади каде што амбасадорот е оставен сам, самиот непрофесионалец, потполно не ги знае, тој или таа, тие работи, и автоматски резултатот е дека со електронска комуникација се обидува Министерството да ги заврши тие работи за нив. Не секогаш е тоа можно.
Сашко Тодоровски, претседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Тој вели дека како вработени во Министерството се чувствуваат дека работат во некој вид протоколарна служба или дипломатски патнички сервис, затоа што ниедна од суштинските ингеренции кои треба да ги врши Министерството, не се вршат таму, туку се дислоцирани надвор од системот на институциите.

„Мислам дека се клучни два фактора. Едниот е дека има целосно неразбирање на актуелната власт за тоа што е дипломатија и како таа функционира, а од друга страна е интенцијата сѐ да биде затворено во некакви партиски кругови и да нема дисеминација на информациите надвор од тие кругови“, вели Сашко Тодоровски, претседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Зградата на МНР.
Зградата на МНР.

Тодоровски додава дека, иако Министерството многу години се надополнува исклучиво со партиски кадри, сепак тие кога ќе влезат во она што значи „мелница“ на Министерството, тие се професионализираат и делумно се оддалечуваат од партискиот тек. Но подоцна, вели Тодоровски, доаѓа до поделба на кадрите, на луѓе кои треба да бидат партиски чисти и да бидат дел од затворен тек на информации и другите - неподобни од кои дел се и со друга политичка ориентација.

Само партиска книшка и близина до партијата ВМРО-ДПМНЕ,а дефинитивно за тоа кој ќе биде амбасадор одлучува премиерот Никола Груевски.
Благој Зашов, поранешен дипломат.

„Во моментов има 22, ако не се лажам, амбасадори кои немале никаква допирна точка со дипломатијата. Имаме редица амбасади каде што амбасадорот е оставен сам, самиот непрофесионалец, потполно не ги знае, тој или таа, тие работи, и автоматски резултатот е дека со електронска комуникација се обидува Министерството да ги заврши тие работи за нив. Не секогаш е тоа можно“, вели Тодоровски.

Поранешниот амбасадор Благоја Зашов вели дека веќе со години наназад бројот на дипломатски професионалци се намалува, а партиските кадри кои се на амбасадорските места повеќе се грижат за партиските интереси, наместо за вистинската надворешна политика на Македонија.

„Само партиска книшка и близина до партијата ВМРО-ДПМНЕ,а дефинитивно за тоа кој ќе биде амбасадор одлучува премиерот Никола Груевски“, вели Зашов.

Тој додава дека ќе мора кадровската политика да се смени и многу од дипломатите кои се наоѓаат на местата кои не ги заслужуваат да бидат сменети.

Зашов посочува дека последните случувања со амбасадорката во Хрватска е еден од најлошите примери.

„Тоа е еден од најлошите примери, иако не е единствен пример, така што мене ме изненадува како може еден амбасадор така да постапува, па од друга страна си велам, така постапува затоа што не е професионален кадар и не ја знае позицијата на која што е поставен“, додава Зашов.

Во Министерството за надворешни работи побаравме коментар за ваквите обвинувања, но не добивме одговор.

Според Тодоровски решението на ваквата состојба во македонската дипломатија е дека има потреба од репрофесионализација на службата, да се растурат партиските паралели и да се разглоби мрежата на политички амбасадори и политички генерални конзули кои треба да бидат заменети со професионалци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG