Достапни линкови

Уште едно „НЕ“ за лошите реформи


Протест на наставниците пред Министерството за образование и наука во Скопје, март 2015
Протест на наставниците пред Министерството за образование и наука во Скопје, март 2015

Скромни во очекувњата дека протестот ќе ги предомисли надлежните, пленумците не се откажуваат од својата борба да им кажат „НЕ“ на лошите образовни реформи.

Под мотото „Стоп за лошите реформи во образованието,“ Наставничкиот пленум повикува на мирен протест в недела. Од таму велат дека протетстот нема за цел да го спречи екстерното тестирање, туку да го покаже својот револт кон сите негативни реформи на актуелната власт.

Со овој протест не мислиме дека ќе го запреме екстерното, но сигурно дека ќе покажеме дека се уште не се согласуваме со него како концепт.
Илчо Ацевски, Наставнички пленум.

Наставникот Илчо Ацевски вели дека со овој протест ќе се обидат да укажат дека не постои ниту еден аргумент дека екстерното тестирање ќе го подобри квалитетот на образованието.

„Очигледно дека МОН повторно ќе го спроведува екстерното тестирање, па затоа одлучивме уште еднаш да покажеме дека не се согласуваме со екстерното барем во овој облик каков што е моментално. Со овој протест не мислиме дека ќе го запреме екстерното, но сигурно дека ќе покажеме дека се уште не се согласуваме со него како концепт.“

Покрај укинувањето на актуелниот модел на екстерно тестирање, дел од барањата на Наставничкиот пленум се донесување на нови законски решенија за наставници, академија и за основно и средно училиште, целосно укинување на наградите и казните на наставниците како резултат на екстерното тестирање, ревидирање на системот на професионален и кариерен развој на наставниците и др.

Тоа се лошиот концепт на екстерното теститање, кој така како што е поставен и изработен не оценува знаење туку само меморија. Вториот проблем е новиот концепт за полагање на државна матура, кој не е ефикасен, не оценува вистински вредности на знаење и во кој влегува и математиката како наставен предмет.
Ѓорги Ставриќ, Средношколски пленум.

И од Средношколскиот пленум остануваат на ставот дека екстерното оценување е неквалитетна и лоша реформа во образованието. За тоа кои се најголемите проблеми за средношколците, а за кои надлежните немаат слух, Ѓорги Ставриќ од Пленумот одговара.

„Тоа се лошиот концепт на екстерното теститање, кој така како што е поставен и изработен не оценува знаење туку само меморија. Вториот проблем е новиот концепт за полагање на државна матура, кој не е ефикасен, не оценува вистински вредности на знаење и во кој влегува и математиката како наставен предмет.“

Ацевски укажува на тоа дека не постои комуникација меѓу ресорното министерство и Наставничкиот пленум. Тој вели дека информациите допирале до Министерството и преку членови на владејачката партија, кои се наставници, но не се дел од Наставничкиот пленум зотоа што не смееле.

„Досега немаме никаков контакт со Министерството за образование и наука. Но, имаме колеги, членови на владејачката партија кои се обидуваат нашите идеи да ги пренесат на надлежните меѓутоа и тоа не поминува“, вели Ацевски

Ставриќ пак истакнува дека средношколците и наставниците се под постојан притисок да се откажат од своите барања и протестите против реформите во образованието.

„Сепак ние сме од една страна разочарани и гневни од притисоците коишто доаѓаат од Министерството, професорите и директорите. Бркање од школо, лоши оцени или доколку имаат оцени кои сакаат да ги поправат, не би можеле и дека ако излезат од ова училиште во ниту едно друго нема да ги примат и ќе останат без средно образование. Патем, имаме пријави и од професори кои не можат да ја дадат својата поддршка зошто се под закана за нивното работно место, нивната плата итн.“, вели Ставриќ.

Скромни во очекувњата дека протестот ќе ги предомисли надлежните, пленумците не се откажуваат од својата борба да им кажат „НЕ“ на лошите образовни реформи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG