Средношколците одлучија да го искористат последниот ден и да ги пополнат пријавите за полагање државна матура, бидејќи сакаат да не ги испуштат роковите и да се запишат на факултет, но продолжуваат со бојкотот кој во наредните три дена ќе се радикализира преку одржување протести. Ѓорѓи Ставриќ од Средношколскиот пленум вели дека не се враќаат на настава и дека од утре попладне излегуваат на протести.
Tие сакаа да се поиграат со нас, сега ќе не видат на улица, сега ќе не видат заедно со нашите родители, со нашите наставници, со сите граѓани коишто нè поддржуваат.Ѓорги Ставриќ, Средношколски пленум.
„Од среда 6 мај со почеток во 17 часот, со собирно место овде во Паркот на новинари, во кампот на Средношколскиот пленум, сите да се собереме и да излеземе на мирен протест пред Министерството за образование и наука. Тоа ќе се случува во наредните три дена и со тоа сакаме да им покажеме на надлежните институции дека тука нема да запреме. Бидејќи тие сакаа да се поиграат со нас, сега ќе не видат на улица, сега ќе не видат заедно со нашите родители, со нашите наставници, со сите граѓани коишто нè поддржуваат“, изјави Ѓорги Ставриќ од Средношколскиот пленум.
Пријавите ги потпишуваме од технички аспект, тоа е техничка формалност, остануваме на барањата. Компромисот за кој тие велат дека е постигнат, не е постигнат во однос на државната матура, остануваме на барањето за екстерното тестирање, остануваме на барањето за државна матура, матурантите не сакаат да ја загубат оваа година и наредната прва година на факултетите не сакаме да имаме две генерации бруцоши.Александар Милевски, Средношколски пленум.
Александар Милевски изјави дека со потпишувањето на пријавите за полагање државна матура ќе продолжи бојкотот додека не ја добијат битката против лошите реформи и посочува дека министерството е одговорно зашто тие 25 дена не се во училиште.
„Пријавите ги потпишуваме од технички аспект, тоа е техничка формалност, остануваме на барањата. Компромисот за кој тие велат дека е постигнат, не е постигнат во однос на државната матура, остануваме на барањето за екстерното тестирање, остануваме на барањето за државна матура, матурантите не сакаат да ја загубат оваа година и наредната прва година на факултетите не сакаме да имаме две генерации бруцоши“, вели тој.
Од пленумот укажуваат дека растат и притисоците од некои од професорите и директорите кои од нив барале да го прекинат бојкотот. Имало и други форми на притисоци.
„Цивили кои се претставуваат како инспектори влегуваат по школите и се обидуваат да ги заплашат децата со парични казни од по 2.000 евра, без никакво објаснување. Тие исто така се обидуваат да земат лични податоци од нив, како матични броеви, име, презиме, ги прашуваат за професијата на нивните родители и адреса на живеење. Тоа го вршат без налог и тоа го вршат врз малолетници“, велат во Средношколскиот пленум.
Ова, според некои од родителите кои го поддржуваат пленумот, е сигнал дека постои страв од незадоволството на учениците кое се зголемува.
„Лично не сум сведок на притисоци, но сум слушнала дека се вршат притисоци да им се кажува на децата дека е постигнат компромис, дека нивните барање се исполнети, што не е точно. Мислам дека не е во ред да ги лажат децата, да им даваат лажни информации за да ги вратат на училиште, морално и етички не е во ред“, вели еден родител.
Моменталниот исход од преговорите е полагање на државна матура по стариот концепт само оваа година и продолжување на екстерното тестирање.
Досега средношколците добиле 10 илјади потписи за подршка на нивната битка.
Инаку денеска е краен рок за поднесување пријава за полагање државна матура.