Достапни линкови

Холандските туристи почнаа да пристигнуваат во Охрид и во Струга


Се очекува до крајот на октомври, покрај Охридското Езеро треба да престојуваат повеќе од 20 илјади гости од државите од Бенелукс, односно Белгија, Холандија и Луксембург.

Првите холандски гости пристигнаа во Охрид и во Струга. Според најавите, до крајот на октомври, покрај Охридското Езеро треба да престојуваат повеќе од 20 илјади гости од државите од Бенелукс, односно Белгија, Холандија и Луксембург. До охридскиот аеродром се очекува да летаат најмалку шест чартер летови од Амстердам.

Имаме хотели со повеќе содржини. Има и нови хотели, што значи дека е збогатена целата понуда што се однесува на регионот на Охрид и Струга.
Асим Меѓедовиќ, директор на Фибула Ер травел.

Асим Меѓедовиќ, директор на Фибула Ер травел, очекува оваа година да има зголемување за 20 отсто на вкупниот број гости од овие држави во однос на минатата година. Тој рече дека годинава за прв пат била воведена и услугата „ол инклузив“ во некои од хотелите.

„Имаме хотели со повеќе содржини. Има и нови хотели, што значи дека е збогатена целата понуда што се однесува на регионот на Охрид и Струга“, рече Меѓедовиќ.

Оваа година ќе имаме дополнително летови и за Лондон и за Базел. Со тоа очекуваме бројот на туристи да ја надмине бројката од 30 илјади патници.
Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија, кажа дека оваа сезона треба да биде успешна и поради најавите за други авио- линии од и кон Охрид.

„Оваа година ќе имаме дополнително летови и за Лондон и за Базел. Со тоа очекуваме бројот на туристи да ја надмине бројката од 30 илјади патници“, рече Крстевски.

Меѓу првите гости кои дојдоа во Охрид имаше и еден постар Холанѓанец кој рече дека петнаесет пати досега бил во Македонија.

„Дојдов поради македонската музика и Црн Дрим. Многу често сум во Македонија. Во 1971 година дојдов за прв пат со автостоп и тогаш научив само неколку збора да можам да се разберам со локалните жители. По пет години доаѓање овде, научив уште повеќе зборови, а сега знам околу 400 македонски зборови“, рече тој.

Науме Угреновиќ, туристички работник од Струга вели дека на целиот регион му е потребна поголема промоција. Смета дека треба да имаат и поголема поддршка од Општината Струга.

XS
SM
MD
LG